Линкови за пристапност

Поднесени обвиненија за соизвршителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски


Станува збор за Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, како и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Обвинителен акт за првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо се уште нема бидејќи тој неодамна беше екстрадиран од Турција и сеуште трае доказната постапка.

СКОПЈЕ - По шест месеци поминати во притвор и исто толку долга истрага, Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, и официјално се обвинети за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. До Основниот кривичен суд денеска Јавното обвинителство го поднесе обвинителниот акт, според кој тројцата соизвршители ги сториле кривичните дела „убиство“ и грабнување“. Обвинителен акт е поднесен и за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за помагање во кривичното дело – Грабнување.

Во обвинението не е вклучен првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо, со оглед на тоа што тој неодамна беше екстрадиран од Турција и доказната постапка е во тек. Обвинение се уште не е поднесено ниту за Стефан Димковски, пријателот на Палевски, кој го превезувал од Бугарија до Турција. Нему во март годинава му беше укинат притворот и за него има мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање, односно забрана за користење возачка дозвола.

Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски, според обвинението, заедно со Палевски, испланирале да ја киднапираат 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

На 22 ноември минатата година, тие, според Обвинителството, го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, велат од Јавното обвинителство.

Пет дена подоцна, на 27 ноември, четворицата ја грабнале Вања Ѓорчевска во влезот од зградата на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.

„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете“, се вели во соопштението.

Четворицата, со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи ѝ се да не вика затоа што ќе пукаат. Потоа, ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано „Дупки”, во атарот на селото Бразда.

„Таму на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот малолетното лице, така што првоосомничениот и нанел огнострелна повреда со истрел од пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка. Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на селото Бразда, го запалиле автомобилот „Цитроен” со велешки регистарски таблици, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите“, стои во обвинението.

Обвинителството бара на Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски да им биде продолжена мерката притвор, а на Александар Ѓорчевски мерката куќен притвор.

Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за двете монструозни убиства, на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски беше екстрадиран од Турција во земјава на 15 мај. Тој е во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, во самица и под посебни безбедносни мерки. Неодамна беше изведен пред судија на претходна постапка, каде што му беше потврдена мерката притвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG