Две американски компании фатени среде обвиненијата на специјалната истрага на Роберт Мулер за Русија. Се работи за обвиненија против Пол Манафорт, поранешниот прв човек на кампањата на претседателот на САД Доналд Трамп. Фирмите тврдат дека се измамени околу деталите за неговото лобирање во Украина, но на располагање имало јасни сигнали за неправилности.
Украинската редакција на Гласот на Америка од 2007-ма до 2014-та година, се повикуваше на неколку американски и европски новински извештаи и разговараше со украински политичари – што изложиле поврзаност меѓу непрофитна организација со седиште во Брисел, којашто ги најмила компаниите, и тогашната владејачка партија во Украина – клучен факт што лоби-групите, тврдат дека не го знаеле претходно.
„Лобистите требало внимателно да ги прегледаат сите информации на располагање, согласно процедурата за познавање на работата на своите клиенти“, истакна Џин Бурд, меѓународен деловен партнер со „Арнал Голден Грегори“ (Arnall Golden Gregory LLP), со седиште во Вашингтон.
Тој истакна дека двете компании, во обвинението наведени како „Компанија А“ и „Компанија Б“, а подоцна идентификувани како Mercury Public Affairs and The Podesta Group, требало да ги следат и промените во менаџментот и изворите за финансирање на организацијата“.
Манафорт, кој во 2016-та, три месеци беше на чело на кампањата на Трамп, минатата недела беше обвинет по неколку основи, вклучувајќи и пропуст да се регистрира како лобист за странска влада, во време кога неговата компанија дејствувала во име на проруската Партија на региони, на тогашниот претседател Виктор Јанукович.
Во обвинението се наведува дека работата како дел од „шемата“ на Манафорт и неговиот соработник Рик Гејтс, имала за цел добивање американска поддршка за партијата, која се залагала за доближување на Киев со Москва, наместо барање на членство во ЕУ, како што се залагаа бројни Украинци.
Во обвинението стои дека обете лоби-групи биле регрутирани од компанијата на Манафорт, да дејствуваат во име на непрофитната организација - Европски центар за модерна Украина (ECFMU), со седиште во Брисел, и тоа во период од 2012-та до 2014-та година. Се вели дека организацијата всушност била двигател за промоција на интересите на партијата на Јанукович.
Двете компании порекнуваат дека свесно биле ангажирани во камапањата за Партијата на региони, како што се додава во обвинението. Во нивните најнови соопштенија се повторува ставот дека биле наведени да веруваат дека работеле само за непрофитната организација (ECFMU), за која верувале дека била про-европски настроена и чија мисија била да ги информира американските владини претставници за случувањата во Украина.
Манафорт и Гејтс се обвинети дека служеле како нерегистрирани странски агенти на украинските интереси, спротивно на правилата на американскиот Оддел за правда за регистрирање.
Манафорт и Гејтс контролирале 12 домашни ентитети, 12 ентитети со седиште во Кипар и три други странски ентитети, се вели во обвинението. Се` на се`, преку „офшор“ сметки минале 75 милиони долари. Манафорт се товари за перење на пари во висина од преку 18 милиони долари, а Гејтс за преку 3 милиони долари.
Основачот на Групата Подеста, Тони Подеста, долгогодишен организатор на настани за собирање средства за Демократската партија и кој е брат на поранешниот претседател на кампањата на Хилари Клинтон, веднаш по обелоденувањето на обвинението, поднесе оставка на функцијата. Џон, кој со брат му во 1988-та ја коосновал групата, не е поврзан со неа уште од 1990-та година. Тој не е поврзан ниту со обвинението.
Групата Подеста лобира во име на различни странски интереси, вклучувајќи ги и владите на Азербејџан и Саудиска Арабија, а воедно ја застапувала и Sberbank, најголемата банка на Русија.
Нема обвиненија ниту за Тони Подеста, ниту за неговата поранешна лоби-група Меркјури (Mercury), но сите се повикани на сведочења околу нивната соработка со Манафорт, Гејтс и ECFMU.
Facebook Forum