Американскиот Сенат се приближи до усвојување на пакетот помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван во неделата. Сенатот предводен од демократите ја отстрани процедуралната пречка и ја придвижи мерка за странска помош понатаму кон гласање за усвојување за некои од наредните денови.
Со ова решение Украина би добила 61 милијарда долари за обновување на резервите на муниција, оружје и други клучни потреби.
Иако мерката ја помина процедуралната пречка во Сенатот, не е јасно како тоа ќе помине во Претставничкиот дом, каде мнозинството се републиканци.
Но, некои сенатори кои дадоа изјава за Гласот на Америка на украински, не ветуваат лесно усвојување на предлог законот.
Конгресменот Роџер Маршал од републиканската партија вели дека неговиот приоритет е безбедноста на границите.
„Нема да гласам за дополнително воено финансирање или нешто друго додека не поминеме нешто што всушност ја обезбедува границата“, вели тој.
На прашањето дали мислите дека е време да им се каже на Украинците дека не треба повеќе да се потпраат на американската поддршка, Маршал, одговори:
„Овие прашања треба да се решаваат едно по едно. Мислам дека треба да гласаме за граничен пакет. Тоа би бил и мојот врвен приоритет. Украина моментално ја гледаме во ќор-сокак. Едноставно не гледам никакво поместување во блиска иднина. Тоа ќе се претвори во седум или 10-годишна војна. Мислам дека сите треба да сфатат дека таму треба да се фокусираме на мировен договор“.
Други конгресмени од републиканската партија велат дека немаат донесено одлука.
„Немам поддржано пари за Украина и немам одлучено во која насока се движиме со ова прашање. Ни треба повеќе муниција“, рече за Гласот на Америка на украински, конгресменот од Републикаската партија, Томи Тубервил.
Сенаторите од Демократската партија за Гласот на Америка на украински, изразуваат оптимистички ставови за американската помош кон Украина.
„Се надевам дека ќе ги добиеме тие два републикански гласови што ни се потребни за да продолжиме со ова законско решение. Апсолутно тоа е критично, особено за храбрите Украинци кои се борат толку, но, исто така, ги гледаме хуманитарните напори ширум светот кои се потребни и во Индо-пацификот кои ние треба да ги направиме“, вели сенаторката од Демократската партија, Џин Шахин.
„На Украина очајно ѝ е потреба од дополнителна воена помош за да се бори против агресијата на Путин и се надевам дека моите колеги ќе го поддржат народот на Украина“, вели сенаторот од Демократската партија, Крис Ван Холен.
Тоа очигледно зависи од Републиканците, рече за Гласот на Америка на украински, сенаторот од Демократската партија, Крис Марфи. Тој вели дека Демократите се подготвени да ја поддржат помошта за Украина.
„Сметаме дека на Владимир Путин не треба да му се дозволи да маршира преку Украина во Европа. Ќе треба да ги прашате луѓето кои постојано гласаат против украинската помош кој е нивниот план“, рече сенаторот Крис Марфи.