Политичките партии веќе од денеска го почнаа процесот на собирање 10 000 потписи од граѓани за официјализирање на кандидатурите на нивните избраници за претстојните избори за шеф на државата. Рокот за собирање на потребните граѓански потписи ќе трае до 8 март. Владејачката ДУИ побрза на својот кандидат Бујар Османи со време да му ги обезбеди потписите.
„Денеска во организација на шефот на изборниот штаб започнува многу важно пат за номинацијата на Бујар Османи за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, тоа е многу силна мобилизација, што ја докажува решеноста на целата ДУИ да ја совлада мисијата за придвижување на процесите, процеси кои носат стабилизација, ориентација дека нашата земја треба да оди напред кон членство во Европската Унија...“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
И кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, ја почна постапката на собирање потписи – ги повика граѓаните да покажат, како што рече, авантуристички дух.
„Подготвени сме да се справуваме со мал милион проблеми и очекуваме граѓаните да покажат авантуристички политички дух, да обезбедат повеќе кандидати на вистинската дебата, да ни дадат еднаква можност да се претставиме со нашите знаења и програми, визи за Македонија зашто играме во една трка која не е чиста уште од првиот ден“, рече кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска.
Лидерот на За наша Македонија денеска го даде својот потпис за својата кандидатура.
„Дојдов како официјално номиниран кандидат на ЗНАМ да се потпишам лично за мене. Сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои дадоа поддршка на мојата кандидатура“, изјави кандидатот на ЗНАМ за претседател на државата, Максим Димитриевски.
Не е само собирањето потписи во фоксуот на партиите. Низа реакции предизвика најавата на Али Ахмети за барање за промена на Уставот, како услов за коалицирање со неговата ДУИ, која би значела шефот на државата наместо на непосредни избори да се гласа во Собранието.
„Сржта на идејата на лидерот Али Ахмети е претседател да се бира во Собрание, со двотретинско мнозинство на гласови и Бадинтер, за да се обезбеди општествен, надпартиски консензус, за да се овозможи со над 80 гласови и да се спречи техничкото надгласување само од двете поголеми македонски политички партии. Ова ќе биде ставот на ДУИ и за вториот изборен круг, и за парламентарните избори и тоа ќе го постигнеме“, рече Арбер Адеми од ДУИ.
СДСМ, коалицискиот партнер на ДУИ, засега не ја коментира оваа најава од Мала Речица. „Сега сите нешто ќе ветуваат“, вели Димитар Ковачесвки.
„Практично сме во изборна кампања, сега сите нешто ќе ветуваат, дел ќе предлагаат нешто што не зависи само од нив. На пример, за промена на устав потребни се две третини, така што не би ги комнетирал зашто во наредните 80 дена ќе чуеме многу нешта, но на 8 мај граѓаните ќе решат кои се тие предлози кои тие ги сакаат“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ иницијативата на ДУИ за претседател на државата биран во Собрание е неприфатлив – тврдат дека тоа е обид за суспендирање на демократијата.
„Титуларно највисоката функција во државата, тоа е претседател на државата, кај нас знаете дека извршната моќ е кај владата и премиерот, но титуларно претседателот е функција број еден во државата и мора да се бира на избори затоа што тоа е врв на демократијата, така прават најдемократските држави во светот. Секој обид за суспендирање на демократијата е само обид за ставање на народот надвор од процесот на одлучување“, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега неколкумина најавија кандидатури за врвната позиција во земјава – актуелниот претседател Пендаровски ќе биде предлог на СДСМ, Силјановска-Давкова е изборот на ВМРО-ДПМНЕ, зад Бујар Османи застана ДУИ, Арбен Таравари ја доби поддршката од опозицискиот блок на Албанците, Билјана Ванковска е кандидат на Левица, Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Максим Димитриевски на ЗНАМ, Мерсиха Смаиловиќ на Бошњачкиот демократски сојуз.