Линкови за пристапност

Почна гласањето за избор на претседател на државата и пратеници во Собранието


Во вториот круг од претседателските избори граѓаните ќе избираат меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Граѓаните ќе може да влезат на избирачкото место само еднаш и ќе им биде понудена можност да гласаат за претседател и пратеници или пак само за еден од можните два избори

СКОПЈЕ – Со гласањето на болните и изнемоштените, осудениците и дијаспората денес започна избирачкиот процес за вториот круг на претседателски избори и единаесеттиот избор на пратеници во Собранието на Северна Македонија. Според официјалните информации на ДИК, право на глас денес имаат вкупно 11.095 болни за вториот круг претседателски избори, додека за парламентарните избори денес можат да гласаат вкупно 11.197 болни и немоќни лица. Своето право на глас за претседателските избори денес го остваруваат вкупно 2.147 затвореници, односно 2.140 затвореници.

„Вкупно 534 лица сместени во установите за вонсемејна грижа своето право на глас може да го остварат во вкупно 20 центри за претседателските и парламентарните избори, како и двајца пријавени гласачи евидентирани како внатрешно раселени лица имаат право да гласаат на двата вида избори“, се вели во денешното соопштение од ДИК.

Во вториот круг од претседателските избори граѓаните ќе избираат меѓу актуелниот претседател на државата, Стево Пендаровски, поддржан од владејачката СДСМ и коалицијата и Гордана Силјановска Давкова од коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ.

На претседателските избори во изводите од избирачкиот список за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи. Во посебните изводи од избирачкиот список за лица што поднеле пријава за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва или конзуларни канцеларии се запишани 2.569 избирачи, а во затворите или во притвор 2.147 избирачи.

На парламентарните избори пак право на глас имаат 1.815.350 избирачи кои ќе дадат глас за една од седумнаесетте листи на кандидати.

На парламентарните избори довербата на граѓаните ја бараат Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ, политичката партија Левица, коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничката партија.

За разлика од болните и изнемоштените како и осудениците во дијаспората денес нема да се гласа за избор на пратеници бидејќи немаше доволен број на пријавени гласачи односно македонски државјани.

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека утре граѓаните ќе може да влезат на избирачкото место само еднаш и ќе им биде понудена можност да гласаат за претседател и пратеници или пак само за еден од можните два избори.

„Гласачот добива две гласачки ливчиња доколку се одлучи да гласа за двата вида на избори или само едно гласачко ливче за изборите за кои се одлучил да гласа. Тој гласа сам и тајно зад гласачкиот параван“, изјави Бобан Стојаноски, член на ДИК.

Речиси 2 000 набљудувачи ќе ги следат двојните избори утре а од нив 1.078 се домашни а 770 странски набљудувачи. Изборите ќе ги следат и 66 странски новинари.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи и 14 експерти. Изборите ќе ги следат и 138 набљудувачи од Парламентарното собрание на ОБСЕ, ад хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа со 33 набљудувачи, како и 68 набљудувачи од Амбасадата на САД во Скопје.

Утре своето право на глас граѓаните ќе може да го остварат на 3.480 избирачки места а од МВР соопштија дек граѓаните ќе може да ги подигнат своите лични документи за идентификација од просториите на МВР во сите градови од државата во периодот од 07 до 19 часот за да го остварат своето право на глас.

XS
SM
MD
LG