Линкови за пристапност

Почитување на законите за независен правосуден систем


Судница во затворот Идризово, во Скопје, С. Македонија.
Судница во затворот Идризово, во Скопје, С. Македонија.

„Во овој момент нашата држава се наоѓа во состојба кога треба да преземе решителни чекори во однос на подигнување на владеење на правото, борба против корупција и организираниот криминал и да се обезбеди поголема заштита на човековите права и слободи.“

Оваа изјава на вториот човек во министерството за правда ја дополнува сликата за ситуацијата во судството и обвинителството која според, бројни показатели, е далеку од добра. Неефикасност, селективност, бавност се само некои од „епитетите“ кои го „красат“ домашниот правосуден систем. Впечатокот на граѓаните дека правдата „не е слепа“ и дека знае некому „да прогледа низ прсти“ се рефлектира и на анкетите на кои, како последната на ИРИ, судството и обвинителството се позиционирани на дното – само 1 процент од испитаниците рекле дека имаат доверба во правосудните органи. Неколкуте предмети против поранешни функционери кои застарија, бројните поништувања на првостепени пресуди, ефектот што измените во Кривичниот законик ќе го имаат врз предметите на поранешното СЈО, само го дополнија чувството за неказнивост во јавноста.

Еден од клучните проблеми кој и европските технократи во Брисел го посочиле не е во самата законска регулатива, туку во нејзиното неспроведување.

„За да зборуваме за комплетно независен правосуден систем потребно е исполнување на 2 императива - правилна примена на законите и правилна примена на судската пракса на Европскиот суд за човекови права“, вели заменик-министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.

Друг проблем со кој, во изминатиот период, се соочуваат и судовите и обвинителствата е хроничниот недостаток на кадар, особено изразен во внатрешноста на земјата.

„Имаме судови и обвинителства без судии и јавни обвинители. Би ги спомнал Крушево, Берово, Делчево, да не ги набројуваме. Имаме обвинителства, а немаме обвинители е тоа е апсурдот на нашето општество“, рече поранешниот министер за правда, Никола Тупанчевски.

А ако ова не беше доволно, врз и онака неефикасното правосудство, дополнителен притисок врши и штрајкот на судската администрација што секако има ефект врз динамиката на работата на судовите.

„Од понеделник продолжуваме со протести се до исполнување на нашите барања- 75 проценти зголемување на платата и враќање на додатоците. А да прашаме и каде се 0,8 од буџетот кои треба да одат за правосудтвото, а се всушност пренаменети“, изјави претседателката на независниот синдикат на судска администрација, Јасмина Величкова.

Меѓународната заедница внимателно ги следи состојбите во правосудтвото. По случувањата во Судскиот совет во изминатите месеци, ЕУ прати оценска мисија која треба да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на ова тело. Истовремено и Вашингтон одблизу ја мониторира ситуацијата за што говори и формулацијата во честитката на Стејт департментот по повод Денот на независноста – „Северна Македонија направи големи напори за да обезбеди просперитет на сите граѓани справувајќи се со глобалните предизвици и ние стоиме покрај вас во напорите за промовирање на владеењето на правото.“

XS
SM
MD
LG