Линкови за пристапност

По 100 дена повторно Ковид во Виетнам – кои се научените лекции?


Новите случаи на Ковид-19 кои се појавија во виетнамскиот град Дананг, 30 од минатиот викенд, ги прекинаа 100-те дена без локална трансмисија на вирусот кои ги уживаше оваа држава во Југоисточна Азија.

Тоа беше период на релативен мир, луѓето се вратија на работа и се чувствуваа заштитени од пандемијата која беснееше надвор од нивните граници.

Сега, новите случаи го отвораат прашањето дали и како вирусот се криел во заедницата и како ги инфицирал жителите, кои во најголем дел не патувале.

Се поставува и прашањето дали, и со совршен одговор од властите, е возможно целосно да се победи вирусот.

Еве ги трите научени лекции од повторната појава на Ковид во Виетнам...

Во секој оклоп има пукнатина

Многу држави му завидуваа на Виетнам поради брзиот одговор на пандемијата и поради тоа што во оваа земја нема ниту еден смртен случај.

Сепак, експертите велат дека секогаш е можно вирусот да се протне низ пукнатините.

Властите воведоа обемни протоколи на почетокот на годината – ги изолираа пациентите, ги откажаа меѓународните летови, ги следеа контактите, наредија социјално дистанцирање.

Но, протоколите се подложни на грешки. Некој човек може да ја заборави својата маска, некоја болница може да направи пропуст при чистењето, некој патник може да ја премине границата иако е инфициран.

„Доволна е само една разлабавена навртка со што ќе има последици за целата машинерија“ вели Ву Дук Дам, вицепремиер на Виетнам.

Освен индивидуалните постапки и самите протоколи не се без маана. Освен ако не бидат тестирани 100% од населението вирусот може да продолжи да се шири без да биде детектиран се додека некој не развие симптоми, како и што се случи во Дананг.

Властите не може да очекуваат сите граѓани да бидат внимателни по 24 часа на ден.

Од ова произлегува дека иако државите си поставуваат одредени цели во борбата со пандемијата, малку е веројатно дека наскоро ќе успеат целосно да го победат коронавирусот. Сепак, може да го намалат ширењето за болниците да не бидат преоптоварени и за граѓаните да се вратат на секојдневниот живот под помал ризик.

Новиот коронавирус се уште е мистерија

Виетнам се обидува да го открие начинот на кои инфекциите се прошириле откако мислеше дека вирусот е искоренет.

Властите не кажуваат дали неодамнешното апсење на странски државјанин е поврзано со повторната појава на Ковид, но отворија истрага која треба да утврди дали нелегалното патување на овој човек е можен извор на заразата.

Низ целиот свет разбирањето на коронавирусот се подобрува со тоа што здравствените власти собираат и анализираат се повеќе податоци - како корисноста на маските или шансите за пренос од заразени површини или од честички во воздухот.

Закрепнувањето нема да биде линеарно

Виетнамската економија е една од ретките која има проекција за раст во 2020-та година.

Оваа земја започна со мерките за заштита во април, но тие постепено беа укинати за неколку недели.

Децата се вратија на училиште, возрасните се вратија на работа, а туристите почнаа да патуваат во рамки на државата.

Сепак, по повторната појава на вирусот во Дананг повторно се вратија ограничувањата, а во остатокот од земјата се воведуваат други мерки за заштита.

Нееднаквиот пат на закрепнување од пандемијата покажува дека новите кластери на инфекции ќе ги принудуваат властите во сите држави, од Виетнам преку Шпанија до САД, да воведуваат рестрикции, да ги укинуваат и можеби повторно да ги воведуваат.

XS
SM
MD
LG