СКОПЈЕ – ВМРО – ДПМНЕ денес ја промовираше изборната програма со која ќе настапи на претстојните парламентарни избори. Програмата го носи името „Платформа 1198“ согласно бројот на мерки кои се предвидени во неа а во текот на целиот ден тимови од партијата ги елаборираа предложените мерки од различните области.
Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, презентираше педесетина мерки и чекори кои ќе ги преземе партијата доколку победи на изборите и ја формира Владата. Во своето обраќање пред присутните тој нагласи дека граѓаните се во фокус на програмата, подобрување на животниот стандард, квалитетен живот и развој на државата.
„Оваа програма е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование како и модерен здравствена систем. Документот содржи и конкретни реформски мерки и политики кои ќе генерираат повисоки плати и пензии притоа осигурувајќи ред и правда за сите“, рече Мицкоски пред присутните сопартијци.
Петте столба на програмата се активна и постојана борба за квалитетен животен стандард. Она што им е најпотребно на луѓето е всушност пристоен живот, отворање на фронт против корупција, институциите да работат според законите, обезбедување на функционален систем за граѓаните и заеднички патриотизам кој во суштината е патриотизам кој обединува.
„Шестиот столб е непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето“, истакна Мицкоски.
Кога станува збор за економијата во програмата е предвиден раст на БДП до 5% годишно, инфлација не повисока од 2,5% годишно, буџетски дефицит под 3,0% од БДП, намалување на невработеноста до 7,5%, создавање на нови 55 илјади работни места. И намалување на даноците како за граѓаните така и за фирмите.
Енергетскиот систем ќе продолжи да се трансформира кон обновливи извори на енергија но РЕК Битола ќе остане во функција.
Намалување на бројот на пратеници, нови две министерства, укинување и фузирање на дел од јавните институции и укинување на дел од надзорните и управните одбори, укинување на позицијата заменик директор и укинување на балансерот кој ги става во нерамноправна положба граѓаните се проекти поврзани со државната администрација.
„Првата клучна промена за која очекувам поддршка од сите политички партии е парламент со 90 пратеници. Следно е Македонија како една изборна единица. Планираме отворање на едно ново министерство а тоа е министерството за енергетика рударство и минерални суровини. За младите е многу важно да планираме министерство за спорт и досегашната Агенција за млади и спорт да биде трансформирана во министерство за спорт, а секторот млади да го поврземе со едно ново министерство коешто ќе биде формирано, наследник на министерството за труд и социјална политика а тоа е министерството за социјална политика, демографија и млади.“, објасни Мицкоски.
Распуштање на Судскиот Совет и Советот на Јавни Обвинители и пополнување со нов кадар, како и испитување на имотната состојба на судиите и обвинителите се дел од мерките со кои ВМРО – ДПМЕ планира да го зајакне судството и да ја врати довербата кај граѓаните
Клинички центар во Штип, вработување на 500 доктори и 500 медицински сестри, шест бесплатни ин витра се само дел од проектите во здравствениот систем.
Демографијата има значајно место во програмата на партијата. Враќање на проектот „купи куќа“ финансиска помош за новороденчиња и за мајките и градинки за секое дете.
„Финансиска поддршка за мајките коишто се во работен однос најмалку една година за првородено дете ќе добијат поврат на данокот на личен доход за една година, за второ дете ќе имаат поврат на данокот од две години, а за трето дете ќе има поврат на данокот секоја година сè додека највозрасното дете не стане полнолетно. Секое дете во градинка и да нема повеќе листа на чекање, и во секоја општина да има место во градинките е уште една мерка во насока на зголемување на бројноста на семејствата“, рече Мицкоски.
За земјоделците се предвидени субвенции и загарантиран откуп и цена, обновување на системите за снабдување со вода, за општините помош од 250 милиони евра годишно за капитални проекти, фонд за културата и фонд за врвна наука за да се поттикне развојот на научно истражувачката дејност во државата се содржат во „Платформата 1198“.
Кога станува збор за инфраструктурата Мицкоски најави дека доколку ја предводат Владата во 2026 година ќе го завршат автопатот Кичево – Охрид а во четиригодишниот мандат ќе ги изградат патните правци Тетово – Гостивар и Битола – Прилеп како и реконструкција на железничкиот Коридор 10.