Линкови за пристапност

Естетика на – смрдливото!


Естетика на – смрдливото!
Естетика на – смрдливото!

Аморфофалус титанум е попознато како „цвеќе – мртовец“ поради непријатната миризба што ја шири при цветањето

Изминативе неколку недели илјадници лица го посетија Природонаучниот музеј во Хјустон за да го видат, но пред се` и да го помирисаат реткото растение од дождливите шуми во Суматра, Индонезија. Цвета ретко, но кога ќе процвета, шири непријатна миризба, како на мртво тело во распаѓање. Ова е само 29-ти пат едно од овие ретки цвеќиња да процветале во САД, така што во очекување на настанот, музејот беше отворен - 24 часа.

Аморфофалус титанум е попознато како „цвеќе – мртовец“ поради непријатната миризба што ја шири при цветањето. Во очекување да процвета, хортикултуристот на музејот Зак Стејтон минал многу бесони ноќи.

„Она што го прави да биде ретко е што во дивината на Суиматра е во опасност од изумирање и тешко е да се донесе до стадиум на цветање. Некои луѓе чуваат вакви цвеќиња по 15 или 20 години, но немале можност да видат како цветаат. Среќни сме што овој процвета“, вели Стејтон.

Непријатната миризба е трик со кој продолжува циклусот на природата.

„Мувите и другите бубачки ги привлекува мирисот – таму да положат јајца, залажани дека има месо во распаѓање од кое ќе се хранат. Бубачките доаѓаат и го попрашуваат цвеќето“, објаснува Стејтон.

Трикот очигледно успева и кај луѓето, кои без оглед на непријатната миризба, го полнат музејот. Едни велат дека мириса на расипан лук. Други – на расипано месо. Но сите се согласни дека миризбата не е пријатна.

Најдобро знае Ненси Грег која работи во музејот. Дневно мора да мине неколку часа во просторијата каде се наоѓа цветот.

„По некое време - се навикнувате. Одвреме-навреме станува лошо, но се` е работа на навика“, вели Ненси.

По само неколкучасовно цветање и смрдеа, цветот почна да вене. Наредната средба е работа на прогноза: за десет години, дваесет, или - никогаш.

XS
SM
MD
LG