СКОПЈЕ – Дваесет и едногодишен жител на Гостивар е основачот и лидер на терористичката ќелија која викендов беше разбиена од МВР. Членовите на групата планирале терористички напади на територијата на Северна Македонија и активно врбувале членови за ИСИС, покажуваат доказите со кои располага Обвинителството за гонење на организиран криминал. Против четворицата приведени се поднесени кривични пријави за тероризам а судија од скопскиот Кривичен суд им одреди триесетдневен притвор.
Истрагата траела неколку месеци, следени биле движењата и комуникациите а МВР и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) разменувале информации со безбедносни и разузнавачки агенции од пријателски држави и партнери. Првоосомничениот покрај тоа што следел и споделувал материјали и пропаганда на ИСИС се обидел и да набави оружје и експлозивни материјали.
„Дваесет и едногодишен гостиварец, на почетокот на оваа година, создал и активно координирал терористичка организација/ ќелија, во која членуваат останатите осомничени и други НН лица од државата и од странство. Организацијата со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС имала намера на изведување на терористички акт на цивилни – меки цели и јавни објекти. Првосомничениот во почетокот на 2024 година формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм каде искажувал целосна подготвеност и намера за извршување на терористички напад, како и поттикнување на други лица за извршување на терористички напади во Европа. Во групите споделувал претходно набавен и преработен – преведен пропаганден материјал на ИСИС, регрутирајќи нови членови, правејќи обиди за набавка на огнено оружје, како и споделувајќи упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе бидат искористени за извршување на терористички напади“, соопштија од Обвинителството.
Истрагата на Обвинителството покажа дека во терористичката ќелија имало и други членови чиј идентитет се утврдува а тие биле од државата но и од странство. Она што е потврдено е дека не станува збор за регистрирани членови на ИСИС или повратници од боиштата во Сирија, Ирак или Авганистан и имале активни комуникации со терористи и насилни екстремисти во повеќе странски држави.