Со цел подигање на свеста за болеста на 21-оти век „рак на дојка“, стотина жени од целата држава, викендов учествуваа на планинарскиот марш насловен како „Титов врв со панделка“, при тоа искачувајќи се на највисокиот врв на Шар планина, Титов врв. Маршот беше организиран од страна на жени планинарски водичи, а потпомогнат од Федерацијата на планинарски спортови, со цел да се слушне гласот и пренесе пораката за навремена превенција од оваа болест. Највозрасната учесничка имаше 74 години. Ова е втора година по ред како се организира овој настан.
„Меѓу нас имаше самохрани мајки, имаше мајки со бебиња, имаше мајки со нивните ќерки, не имаше во сите форми и состојби, а сите настојуваме да бидеме едно. Имаше жени кои и покрај сите здравствени и животни предизвици извојуваа уште една борба со себе. Имавме жени кои извојувале победа над ракот на дојка, имавме жена која со вештачки колк ни одржа лекција за тоа што значи да си жена и да си борец“, вели Сибел Јакуповиќ, планинарски водич и иницијатор на маршот.
„Со ова отворивме ново поглавје во приказната за превенција од лошото кое се обидува да ни ја украде денешницата и да ги уништи плановите за иднината. Но, ние сме жени и за нас ништо не е невозможно. Титов Врв со панделка нека остане факел потсетник дека треба да превенираме, не да лекуваме, дека треба да се бориме, не да се предадеме, да се сплотиме, а не да се разединиме во борбата на чумата на 21 от век. 100 жени, секоја носејќи го на плеќи бремето на својата или приказната на блиската личност го искачија најголемиот на Шар Планина. Дури и во најтемните часови мора да се фокусираме на светлината“, вели Снежана Новаковска, планинарски водич.
Велат дека на овој начин 100 жени со став направиле голем чекор кон промена на свеста за борба против канцер на дојка. Месец октомври се одбележува, како месец за подигање на свеста за рак на дојка.