Политиката треба да се тргне од судскиот систем, и законите да важат за сите, вели Фил Наумоф, Американец со македонско потекло, кој на изборите во вторник беше избран за судија во округот Ричленд во сојузната држава Охајо.
„Ако сте судија и сте под политичко влијание тогаш не треба да бидете на таа позиција. Судиите мора да обезбедат владеење на право. Истото треба да го сфатат и во Македонија. Судот е последен инструмент против корумпирана влада“, вели Наумоф.
Ова е втора трка на Наумоф на избори во САД. Првпат изгубил во 2014-та година кога, вели тој, политичката клима во која доминирале републиканци, не му одела во прилог.
Решил да проба и овојпат, и тоа успешно. Кога ќе ја преземе функцијата наредниот месец ќе се посвети на справување со епидемијата со опијати.
„Имаме многу смртни случаи поради предозираност во Охајо и насекаде во државата. Сакам да го адресирам тоа како приоритет, паралелно со трговијата со луѓе и други кривични дела. Сакам да направам подобро и побезбедно место за живеење“, рече Наумоф.
Неговата изборната победа ја поздрави претседателот на Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон Мето Колоски, кој истакна дека изборот на Наумоф е пример дека Македонците во САД, особено младите, можат да бидат дел од јавната американска служба.
Facebook Forum