Линкови за пристапност

Петровска ја повлече кандидатурата за претседател на СДСМ


Внатрепартиските избори ќе се одржат утре. Право на глас имаат 23 илјади членови кои ќе бираат меѓу Јован Деспотовски, Венко Филипче и Александар Бајдевски. На идниот претседател мандатот му истекува во март наредната година. За победа потребно е 50 отсто плус еден глас од излезените гласачи

СКОПЈЕ – Пратеничката и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, денес и официјално се повлече од трката за претседател на најголемата опозициска партија СДСМ и од партиските тела и Централната изборна комисија (ЦИК) побара да се повлече кандидатура и нејзиното име на гласачкото ливче.

Повлекувањето доаѓа откако во неколку наврати изминатиот период ги извести партиските тела но и јавноста за неправилности и недоследности кои ги ставаат во нерамноправна положба кандидатите за иден претседател и со тоа влијаат на самиот изборен процес. Токму затоа Петровска не присуствуваше на дебатите кои беа организирани во текот на неделата.

„Нашата заедничка заложба за одржување фер, чесни и достоинствени избори за претседател на СДСМ, каде сите кандидати треба да имаат подеднакви можности за претставување и лобирање, денес на состанокот со претставници на ЦИК информираше за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотреба на лични податоци на илјадници членови на СДСМ која продолжи и денес. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив, барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачките да не бидат доведени во заблуда“, стои во писмото на Петровска испратено до партиските тела.

Таа е децидна дека покрај нерамномерната положба на кандидатите, сериозен проблем е и избирачкиот список на кој се регистрирани на 20 илјади лица кои треба да гласаат.

„Има лица кои се починати, луѓе кои се во други политички партии, активисти од владејачките партии. Избирачкиот список ни е доставен вчера а требаше пред седум дена и немавме време да направиме темелен увид“, изјави Петровска за Гласот на Америка.

Утре на внатрепартиски избори во најголемата опозициска партија СДСМ ќе се бира наследникот на Димитар Ковачевски кој се повлече од функцијата по катастрофалните порази на парламентарните и на претседателските избори.

По повлекувањето на Петровска, регистрираните 23 илјади членови со право на глас ќе бираат меѓу се ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, Јован Деспотовски директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Александар Бајдевски заменик-министер за информатичко општество и администрација. Гласањето ќе се спроведе во општинските организации од 8 до 20 часот а победник ќе биде кандидатот кој ќе освои 50 отсто плус еден глас од излезените гласачи.

Новиот претседател на СДСМ ќе има мандат до март наредната година поради измените во статутот при изборот на Ковачевски за претседател на партијата и доколку статутот не се смени во март ќе се организираат нови внатрепартиски избори.

XS
SM
MD
LG