Кога инвестирате во Армијата, и кога Армијата ја имате опремено со модерна и соверемена опрема, многу е лесно да ја донесете одлуката да се ослободите од оружјето кое не ви е потребно, ако во тој момент знаете дека на некоја друга држава ѝ е суштински неопходна и таа тоа го бара од вас, вели во интервју за Гласот на Америка на македонски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Глас на Америка: На ова интервју доаѓате директно од средби со официјални лица на САД. Која е главната порака што ја добивте?
Петровска: Главната порака е дека Северна Македонија направила сериозен исчекор во своето позиционирање и дека од земја којашто во минатото била препознаена по разни видови на кризи и секогаш барала помош, сега веќе е земја – членка на НАТО Алијансата и сериозно и сигурно е на пат да ја оствари својата втора стратешка цел, а тоа е членството во Европската унија. Влогот кој е направен во сите овие изминати години во политичка смисла во нашата држава, и сета поддршка која САД ни ја давале и ни ја даваат и ќе ни ја даваат во иднина, навистина се исплати.
Меѓу другото средбите ги искористив и за брифирање за тоа до каде сме со процесот на модернизација на македонската армија и се разбира дали ќе ги исполниме очекуваните рокови за пристигање на опремата која веќе ја имаме нарачано или е во процес на набавка, така што сега засега не се исправени некои сериозни предизвици кои би ја попречиле таа испорака. Меѓутоа, свесни сме, и ние и САД и сите држави, дека воената индустрија во моментов се наоѓа под сериозен притисок, токму поради случувањата и зголемените побарувања на воена опрема во Украина и се разбира, потребата, армиите постојано да се модернизираат и опремуваат дополнително.
Глас на Америка: Дали има некој рок до кога Страјкерите треба да бидат во употреба во Северна Македонија?
Петровска: Страјкерите се дел од опремувањето на лесната пешадиска бригада којашто треба целосното нејзино опремување и со Страјкерите и со „GLT“ возилата кои веќе ги гледаме во Република Северна Македонија, меѓутоа, со целосното нивно опремување и на возилата и со опремата која е потребна, треба да заврши не подоцна од 2025 година, заради тоа што на почетокот на 2026 година лесната пешадиска бригада треба да биде подготвена за оценувањето коешто ќе и следи. Тоа значи дека и покрај тоа што опремата ќе треба да биде пристигната така како што е планирано, таа ќе треба веќе да биде ставена и во функција, што значи месеци однапред припадниците на таа бригада треба да бидат добро извежбани, односно обучени, за да ја користат таа опрема во различни видови на ситуации.
Глас на Америка: Имавте изјавено дека се врши евалуација на проекти од пет различни држави за набавка на хеликоптери кои треба да се повеќенаменски. Дали евалуацијата е завршена и дали и понатаму станува збор за осум вакви хеликоптери?
Петровска: Да, тимот ја заврши евалуацијата, согласно правилата и процедурите за аквизиција, беше направена првата презентација на понудите, беа доставени некои дополнителни прашања, затоа што станува збор навистина за голема и сериозна набавка, којашто ќе треба да одговори на капацитетите на македонската Армија.
Побарувањата се тоа да бидат современи и модерни хеликоптери, меѓутоа и хеликоптери кои ќе можат да се користат за повеќе намени и за транспорт, исто така, треба да одговорат и на предизвикот да учествуваат во спасувачки мисии и разни други цивилни мисии, за коишто се разбира, армијата е секогаш подготвена да одговори на потребите на државата.
Глас на Америка: Можете ли да откриете со кои држави се преговара?
Петровска: Добиени се понуди од четири компании коишто ги исполнуваат критериумите, односно побарувањата на македонската Армија, тоа се „Ербас“, „Леонардо“, „Бел“ и „Сигорски“.
Глас на Америка: Три децении партнерство меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт - имаше и вежба. Колку македонската Армија може да се приближи кон стандардите на Националната гарда на Вермонт?
Петровска: Ова е прашање што можеби пообјективно ќе го одговарат припадниците на Националната гарда. Меѓутоа, ќе си земам за право да ги интерпретирам нивните зборови кои на мене ми ги пренсоа, а тоа се впечатоците и од припадниците кои сега во моментот беа на оваа вежба, и впечатоците од нивното искуство со повеќе од 1 800 припадници на македонската Армија кои за овие 30 години поминале низ разни видови на обуки, тренинзи, споделување на искуство, заеднички вежби, а тоа е дека од ден на ден македонската Армија се повеќе приближува и ги задоволува високите стандарди кои се поставени помеѓу НАТО Алијансата.
Глас на Америка: Г-ѓа Петровска, Вие сте втората жена – министерка за одбрана од независноста на Северна Македонија, колку жени брои армијата, колку од нив се на високи позиции, генерали... Има и нов оглас, колкав е интересот на жените да ја бранат татковината?
Петровска: Бројот или интересот на жените кои се се повеќе заинтересирани за различни позиции па и за влез во македонската Армија, се зголемува. Само една споредба, во 2011 година, процентуално, тој број бил 5,7% од вкупниот број на припадниците на Армијата, додека минатата година, тој изнесуваше 10,8%, што би рекла дека тоа е двојно од претходно. И тоа се должи на две работи, прво на свесноста на родовата еднаквост, како една од политиките во Министерството и во Армијата, меѓутоа, тоа се должи и на создадените услови жените да не бидат само бројка во Армијата, туку да бидат навистина прифатени како еднакви заедно со посилниот пол. И тоа навистина го прават многу добро. Мене ме радува што и на важни, командни позиции, се наоѓаат жени, без разлика на тоа што тие се жени, навистина нивниот квалитет е неспорен. Од неодамна на една од секциите во Генералштабот назначив жена полковник, и се надевам дека многу скоро, претседателот, на мој предлог и на предлог на Генералштабот, и за првпат ќе именува жена генерал. Не заради тоа што е време, туку заради тоа што навистина постојат жени кои навистина заслужуваат да бидат унапредени во оваа највисока позиција на Армијата.
Глас на Америка: Од САД пристигнаа санкции за Косово, поради ситуацијата. Дали се можни немири на Балканот кои би можеле да се рефлектираат во Северна Македонија?
Петровска: Јас мислам дека нашата задача, на политичарите, особено на оние коишто се на високи позиции во државите, и ова го зборувам за сите држави во Балканот, е да овозможиме тоа да не се случи. Многу е лесно да дозволите да избие нов конфликт, или да кренете раце во одржување на некои отворени прашања. Суштината или тоа што ние го ставаме како белег во нашите мандати, без разлика колку тој ќе трае, е тоа што ние ќе постигнеме. Мислам дека обврската на секој еден од нас да инвестираме во иднината на државите. Отворен е дијалогот меѓу Косово и Србија. Жалам за тоа што се случува во Косово и за немирите и за нападите, особено нападите врз трупите на НАТО кои се таму да воспостават мир, а не за некоја друга цел. Мислам дека јасниот одговор кој беше даден и од страна на САД, од повеќе сојузници и од страна на ЕУ, испрати јасна порака дека не сакаме да гледаме повторно нови жаришта на Балканот и дека на крајот на краиштата треба да се свртиме кон тоа што се нарекува европска интеграција на земјите – процеси кои веќе се започнати, заради тоа што иднината на сите народи од Балканот е токму таму – во интеграција заедничка на сите земји, или во ЕУ, или тие што се одлучиле да бидат членки и на ЕУ и на НАТО.
Глас на Америка: Веќе 16 месеци трае руската инвазија во Украина. Украина има и свои барања за поддршка на нивната војска. Како им одговори Министерството за одбрана?
Петровска: Досега на сите барања кои беа доставени, во најголем дел, одговараме позитивно, таму каде што навистина се работи за опрема која ние ја поседуваме и којашто според нашите планови и стратешки документи, не ни е потребна.
Глас на Америка: Колку македонската Армија има капацитети да донира воена опрема?
Петровска: Кога инвестирате во Армијата, и кога Армијата ја имате опремено со модерна и соверемена опрема, многу е лесно да ја донесете одлуката да се ослободите од оружјето кое не ви е потребно, ако во тој момент знаете дека на некоја друга држава ѝ е суштински неопходна и таа тоа го бара од вас.
Ако зборуваме во вредност, голем процент од буџетот на македонската одбрана, претворен во одбрана, е дониран на Украина...
Глас на Америка: Колку?
Петровска: Во проценти, за минатата година, околу 16% од буџетот. Зборувам за севкупната опрема којашто сме ја донирале за минатата година. Меѓутоа, многу повеќе е битна политичката порака што се испраќа. Покрај со политички зборови или поддршка, даваме и опрема којашто на Украина и е потребна да се одбрани. Треба уште еднаш да се потсетиме дека Украина не ја започна оваа војна и дека Украина е таа којашто е нападната, и заради тоа има право и мора да ја одбрани сопствената територија и да ги заштити своите граѓани, а ние како припадници на демократскиот, модерниот, цивилизираниот свет, имаме морална обврска да и помогнеме во таа битка.