Порака да не се разгоруваат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии упатија министерката за одбрана, Славјанка Петровска и нејзиниот заменик во министерството, Тирон Јајага.
Пораките ги упатија после новинарски прашања поврзани со поставувањето на крстот во рамките на црковниот имот на Попова Шапка, како и најавите од тетовската локална власт за негово уривање.
„Патриот не се постанува со тоа, што и каде ќе поставите. Не се постанува ни со тоа колку ќе успеете или колку повеќе ќе ја разгорите темата на меѓуетнички односи, религиски итн. Крстот е едно верско обележје, кое не покажува колку од нас некој е верник или не и колку од нас некој ја сака државата или не“, рече министерката Петровска.
Министерката посочи дека локалната самоуправа во Тетово има многу повеќе локални проблеми за решавање, за подобрување на животот на тетовци.
Нека се зафатат час поскоро со средувањето разубавувањето на градотСлавјанка Петровска
„За жал во Тетово, еден преубав град под Шара има толку многу проблеми кои локалната самоуправа треба да ги реши, така што, нека се зафатат час поскоро со средувањето разубавувањето на градот, и конечно со изградбата на паркот, кој тетовци толку многу го сакаат, а не со некои други теми“, посочи Петровска и додаде:
„Враќањето назад, не носи добро никому“.
Со сличен став беше и заменикот министер за одбрана, Тирон Јајага, кој посочи дека прашања поврзани со поставување или уривање на крстови или џамии не се предмет на интерес на Министерството за одбрана.
Сепак Јајага упати прст кон градоначалникот на Тетово, Билал Касами:
Квази-патриотизам не поминува.. Сега е време на луѓето да им се даде иднинаТирон Јајага
„Квази-патриотизам не поминува, затоа што гледајќи на политичката претходност на сегашниот градоначалник на Тетово мислам дека едното, не е поврзано со другото“, рече Јајага.
Заменик министерот порача да не се враќа општеството назад.
„Сега е време на луѓето да им се даде иднина каде и да се, за нашите деца, и да оставиме овие прашања да бидат средени како што треба“, рече Јајага.
Неодамна на црковен имот на Попова Шапка беше поставен крст, во метална конструкција. Деновиве општина Тетово соопшти дека било донесено решение за негово уривање. Темата околу крстот стана повод за разгорување на политички превирања во општината.