СКОПЈЕ – Криминалот на Онкологија доби име како што бараа надлежните. По пет месеци предистрага Обвинителството денеска соопшти дека отвара истрага во која се осомничени пет лица за криминал со цитостатска терапија тежок 30 милиони евра.
Екс директорите Нино Васев и Нехат Нухи и тројца лекари онколози се сомничат дека незаконски и на реверс набавувале скапа цитостатска терапија за да креираат вишоци но и дека на пациенти им се препишувала терапија поголема од потребната исто така за да се створи вишок од лекови кои потоа се препродавале.
„ Двајцата директори како соизвршители се осомничени за кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а докторите за помагање при извршување на истото кривично дело. Медицинскиот директор е осомничен и за Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените директори. Мерките опфаќаат – забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа, а за медицинскиот директор и оддалечување од работното место на Клиниката“, соопштија од Обвинителството.
Петмесечната предистрага која ја водеа двајца обвинители а во која беа сослушани десетици пациенти и беа ангажирани експерти онколози кои го следеа трагот на лековите од набавка до администрирање финишираше со вчерашните приведувања и денешното официјализирање на истрагата.
Доказите покажуваат дека лекарите препишувале двојно тројно па и осумкратно поголема цитостатска терапија од потребната за да се направи вишок кај пациентот кој потоа исчезнувал од Клиниката за Онкологија. Во терминална фаза на еден ден пред смртта им се администрирала биолошка терапија.
„ Тоа не значи дека е кратена или не е давана терапија, ова, народски кажано, значи дека е раздолжувана терапија повеќе од тоа што треба да го примат пациентите. Лек кој треба да се администрира на 21 ден, фиктивно се издава на седум дена за да се создаде лажна слика дека на хартија е оправдан, ама медицински пациентот не би можел да ги прими на седум дена заради медицина базирана на докази“, изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Директорскиот двоец Васев и Нухи набавувале скапа цитостатска терапија без тендер или реална потреба. На тој начин креирале вишок кој се изнесувал од Клиниката за Онкологија и се чувал во стан во Скопје. Дали цитостатската терапија завршувала на црниот пазар во Косово Обвинителството нема докази.
„Набавени се лекови на реверс пред склучување на договор, во период кога постапките за јавна набавка не биле спроведени од здравство, а фактурите така изготвени биле доставени до клиниката по склучувањето на договорите, без почитување на конкурентноста. Склучувани се договори без фонд на здравство за што мора да имаат согласност од ФЗОМ,“ објаснува Јакимовска.
Обвинителскиот двоец во текот на петмесечната предистрага прегледал 25.500 електронски и хартиени досиеја и разговарал со четириесетина онколошки пациенти.
Дали ќе се отвори истрага и за веледрогеријата од каде биле набавувани лековите, од обвинителството појаснија дека доколку се докаже незаконитоста на исплатите опфатена со актуелната истрага, народното правобранителство може да си ги побара средствата.