Линкови за пристапност

Петерле: Одредбите од политичкиот договор мора да се исполнат


Алојз Петерле: „Кредибилтетот на оние кои се вклучени е во прашање“
Алојз Петерле: „Кредибилтетот на оние кои се вклучени е во прашање“

Застоите и блокадите немаат никаква вредност, затоа реализирајте го тоа што сте го потпишале, им порача европскиот гостин на македонските политички водачи

„Никој не беше задоволен од блокадата на политичкиот дијалог во земјата. Не гледаме индикации за блокирање на постигнатиот договор. Двете страни досега позитивно се изразија за постигнувањето на договорот и мислам дека кредибилтетот на оние кои се вклучени е во прашање“, изјави европратеникот Алојз Петерле од Словенија, по 12-тиот состанок на Бирото на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – ЕУ, во функција на негов копретседавач.

„Застоите и блокадите немаат никаква вредност, затоа реализирајте го тоа што сте го потпишале“, рече Петерле. Според него, евентуалната можност на блокирање на политичкиот процес не може да донесе ништо добро за земјата и не е решение за настанатиот проблем. Тврдејќи дека не се сомнева во македонските политички водачи, Петерле изразил оптимизам дека тие ќе го спроведат потпишаното, иако првата средба на работните групи на партиите воопшто не се одржа.

Ставот на Петерле е дека граѓаните на Македонија се надеваат дека ќе се оствари потпишаната спогодба и дека во спротивно, на политичарот којшто ќе го блокира процесот, ќе му следува политичка сметка на изборите.

„Одредбите од политичкиот договор за надминување на кризата мора да се исполнат со цел Македонија во октомври да добие позитивен извештај и да се приближи кон ЕУ и НАТО“, порача Петeрле. Според него, со исполнување на договореното, политичките водачи во Македонија можат да докажат во вистински момент дека заеднички ќе работат во интерес на државата и пред се`, на граѓаните на Македонија, во поглед на нивните европски аспирации и интереси.

Претставниците на Мешовитиот европско-македонски парламентарен комитет разговарале и за безбедносната состојба во контекст на кризата со бегалците од Сирија и другите кризни жаришта во светот.

„Ниту една земја не е подготвена сама да се справи со ова чувствително прашање. Потребна е соработка. Македонија не е само земја-кандидат, туку и партнер. Мислам дека ЕУ ќе обрне должно внимание на ова прашање“, рече Петерле.

Пратеникот Кенан Хасипи, копретседавач со Мешовитиот европско-македонски парламентарен комитет, изјави дека на средбата со европските гости во Собранието, било искажано очекување дека ќе се спроведат одредбите од постигнатиот политички договор во предвидените рокови за да се добие позитивен извештај.

Заедно со Петерле во Скопје допатуваа и заменик-копретседавачите, Сергеј Станишев и Ангел Џамбаски, а следниот, тринаесети состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија - ЕУ е најавено да се одржи во октомври, по објавувањето на извештајот на ЕК.

XS
SM
MD
LG