Линкови за пристапност

Арсовски: Очигледни се пораките од Вашингтон, можно е санкционирање на корумпираните


Petar Arsovski
Petar Arsovski

Не е тајна дека американската администрација ја смета корупцијата за еден системски и ендемски проблем на целиот Западен Балкан и еден од најглавните кочници на целиот регион. Можни се конкретни чекори од нивна страна

Можни се конкретни чекори за санкционирање или обележување на корумпираните функционери. Американската администрација, поради сегашната геополитичка ситуација, гледа многу попрагматично на овој регион.

Така смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски, за денешната најава од американската амбасадорка Анџела Агелер дека се пристигнати тимови од Вашингтон за справување со корупцијата.

„Не е тајна дека американската администрација тоа го смета за еден системски и ендемски проблем на целиот западен Балкан и еден од најглавните кочници на целиот регион да ги постигне неопходните стандарди за евроинтеграција“, вели Арсовски во кусиот разговор за Гласот на Америка.

За потсетување, амбасадорката на САД, Агелер, која на позицијата е повеќе од еден месец, најави дека една главните цели за кои ќе се залага е искоренување на корупцијата во земјава.

Во таа насока беше и нејзината денешна најава во која прстот е посочен кон поранешни и сегашни лица вмешани во корупција.

Анџела Агелер: Тим за санкции од Вашингтон е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери
Анџела Агелер: Тим за санкции од Вашингтон е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери

„Тим за санкции од Вашингтон е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење за да се покаже дека никој не е над законот“, објави Агелер на „Твитер“, а истото го реобјави и американската амбасада на Фејсбук.

Според аналитичарот Арсовски, војната во Украина придонело за попрактичен пристап на американската администрација кон проблемите на Балканот.

„Тоа што можеме да го забележиме кај администрацијата на САД е дека сегашната геополитичка ситуација ги прави да го гледаат овој регион низ прагматична призна, а не само низ дипломатската. Тоа што можеме да го очекуваме е еден подиректен пристап или условно да речам, еден поагресивен поглед и поконкретен пристап во справувањето со овие проблеми. Не само владеењето на правото, туку и демократијата и другите неопходни структури“, додава Арсовски.

Аналитичарот исто така очекува да има резултати и одредени промени на локално ниво. Но, додава дека е очекуван и отпор од структурите вклучени во коруптивни дејствија.

„Сепак, да се има во предвид дека корупцијата на Балканот е од ендемски вид. Така што оние структури кои се занимаваат со корупција ќе имаат отпор кон т.н. чистење на теренот. Мислам дека притисокот или поддршка од меѓународната заедница ќе биде неопходна“, смета Арсовски.

Арсовски не очекува дополнителни условувања од САД и од ЕУ, но додава дека ќе нема ни попуштања за нерешените проблеми.

„Ние нема да можеме да ги затвориме поглавјата што се однесуваат на тие проблеми, додека истите не ги адресираме сериозно. Не треба да се лажеме дека желбата и политичката волја за брз напредок на Западен Балкан кон ЕУ, ќе направи ЕУ и меѓународната заедница во таа смисла да ни прогледаат низ прсти. Не. Тие механизми постојат, во самите преговори тоа е веќе вградено“, заклучува Арсовски во кусиот разговор за Гласот на Америка.

XS
SM
MD
LG