Линкови за пристапност

Сенатот ја порази мерката за санкционирање на сексуално злоставување во армијата


Жестока дебата се водеше за тоа дали да се отстрани авторитетот за гонење во вакви случаи од армиската хиерархија.

Според Пентагон, имало 26.000 случаи на несакан сексуален контакт во американските армиски редови во 2012-та година, а по само мал дел е покрената судска постапка. Лидерот на сенатското мнозинство Хари Рид, ова го нарече неприфатливо.

„Ова се навистина храбри мажи и жени. И додека не можеме да го заштитиме секој припадник на армијата од штетата во рацете на американските непријатели, може во најмала рака да им гарантираме заштита од нивните колеги“, порача Рид.

Во четвртокот Сенатот ја заврши дебатата по предлог-законот со кој би се зголемила заштитата за жртвите на сексуално насилство, а армиските команданти да одговараат за изведувањата на овие акти од страна на војници од едници врз кои имаат надлежност. Командантите сепак го задржуваат правото да одлучуваат кои од случаите ќе бидат судски гонети.

Ова е проблем според демократската сенаторка Кирстен Гилибренд, зашто лицата кои не и` веруваат на командната структура, се токму жртвите.

Гилибранд претстави конкурентен предлог со кој армиските обвинители би имале авторитет да одлучат кои случаи се заслужни да се изведат пред суд. Предлогот беше поразен преку процедурално гласање, и покрај поддршката од повеќе жртви на сексулано насилство, вклучувајќи ја и Пола Коглин, која пред 20 години помогна прашањето да добие национално внимание.

Коглин и неколкумина други припадници на армијата, повеќето жени, во 1991-та година биле сексуално нападнати за време на армиски симпозиум во Лас Вегас, Невада.

Коглин, тогаш со титула морнарички полковник, вели дека за инцидентот му се пожалила на нејзиниот командант.

„Тој не ме ни слушаше. Дури ја избриша жалбата. Командната структура е со предрасуди“, рече таа.

Коглин ги обелодени своите наводи, што резултираше со истрага што доби голем публицитет. Притоа беа деградирани или предвремено пензионирани видни команданти во морнарицата.

Денес, Пентагон нема никаква толеранција за сексулана злоупотреба. Сепак, секретарот за одбрана Чак Хагел е на страната на улогата на командантите во одлучувањето по кој случај би се повела судска постапка.

Одделот за одбрана остро се спротистави на предлог-законот на Гилибренд, но ја поддржа алтернативната мерка која наредната недела има огромни шанси да биде одобрена во Сенатот.
XS
SM
MD
LG