Една од целите на терористичките напади пред 15 години, беше Пентагон. Комерцијалниот лет на Америкај Ерлајнс беше киднапиран и се урна во зградата, убивајќи ги сите патници во авионот и уште 125 вработени во Одделот за одбрана на САД. Две лица сведочат за терористичкиот напад кој засекогаш ќе остане дел од нивните сеќавања.
„Верувам дека ова е свето место. Токму тука стоев на 11-ти септември и за некој кој го преживеал тоа на некој начин е дефинирачки животен момент“, вели новинарот Џејми Мекинтајр.
Сто осумдесет и четири луѓе беа убиени за време на нападот на Пентагон, 125 во зградата, а 59 во авионот.
Џејмс Лајчек, Претседател на Споменикот на Пентагон раскажува за неговиот зет, полицаец, кој имал можност да влезе во зградата, бидејќи познавал луѓе во ФБИ и го предупредил семејството да биде подготвено за најлошото. Тој рекол, ако луѓето за 4-5 часа по нападот не излегле, веројатно нема ни да излезат.
Лајчек го загубил помладиот брат Дејв во Пентагон тој ден и вели дека тука доаѓа во чест на негово сеќавање, но и на сите останати жртви, за никогаш да не бидат заборавени.
Уште од првите неколку клупи е очигледно дека меѓу загинатите има и деца.
Клупите се наредени според патеката на летот на авионот што удрил во Пентагон.
Меморијалната фондација Пентагон 9/11 работи на собирање пари за центар за посетители, што би бил додаден на местото на споменикот за да ја дораскаже приказната за загинатите на тој ден.