Македонското министерство за внатрешни работи има едно објаснување, Пентагон, пак, друго за ситуацијата со седумтемината исламисти. Тоа што полицијата го претстави како апсење на македонски државјани за учество во терористички формации во странски конфликти, американската одбрана го објасни како репатријација – враќање на државјани во нивната матична држава.
Во вчерашната информација на МВР се велеше дека, „Мининстерството и надлежните институции заедно со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили лишило од слобода седум лица, македонски државјани, за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак“.
Во ова полициско соопштение неколу работи останаа нејасни – каде биле уапсени седумтемина, кога тоа се случило и дали пружиле отпор. МВР само дистрибуираше видео-материјал од нивното носење во полициска станица, а не и инсерти од нивното апсење.
Но, одговорот на овие прашања дојде од друга страна, од Пентагон. Имено, претставници на одбраната на САД, јасно кажаа дека ја поздравуваат одлуката на Македонија да преземе репатријација на група исламистички борци заробени во Сирија.
„Одлуката претставува значаен чекор во потребната соработка за справување со глобалниот тероризам“, изјави портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон.
Оттука произлегува дека македонската полиција не ги уапсила овие лица, туку дека тие, како што појаснија од Пентагон, биле заробени од припадници на Сириските демократски сили – микс на арапски и курдски полиции кои се борат против ИСИЛ на територијата на Сирија. Македонските државјани потоа биле транспортирани до земјава каде се преземени од домашните институции, што и се гледа на видео-материјалот на МВР. Неофицијално, станува збор за општ процес на ослободување на странски борци од Сирија и Ирак, преку нивно враќање во матичните земји.
„Седумтемина борци на ИСИС по потекло од Македонија кои вчера МВР ги приведе, биле лишени од слобода на Меѓународниот аеродромот-Скопје.
„Гласот на Америка“ на македонски јазик денеска контактираше со македонското МВР и побара објаснување за целата ситуација и за тоа како течела процедурата.
Од МВР појаснуваат дека терористите, за кои имаше потерница, биле донесени со авион од американската војска и биле предадени на Министерството за внатрешни работи.
„Моментот на нивно лишување од слобода настапува по потврдувањето на нивниот идентитет, а тоа се случи на аеродормот во Скопје“ - изјавија од МВР.
Facebook Forum