Линкови за пристапност

Пентагон го разгледува испраќањето војска на Јужната граница


Трамп вети дека војската ќе спречи караванот мигранти да влезе во САД

Пентагон размислува да испрати стотици трупи војници на Јужната граница откако претседателот Доналд Трамп во четвртокот повтори дека војската ќе биде користена за да биде спречен караванот мигранти од Централна Америка да влезе во САД.

Официјални американски претставници за Гласот на Америка соопштија дека бројот на трупи ќе зависи од барањето на Одделот за домашна безбедност. Трупите ќе бидат поддршка на граничните патроли. Повеќе од две илјади трупи на Националната гарда се веќе распоредени во таа област.

Претседателот Трамп, ситуацијата со караванот мигранти, кој е на 1.600 километри од најблиската граница на САД, ја оцени како „национална вонредна состојба“.

„Ќе ја испратам војската за оваа национална вонредна состојба. Тие ќе бидат запрени!“, напиша Трамп на Твитер во четвртокот. Трамп, исто така, се согласи со официјалните претставници на синдикалната унија на граничната патрола дека Демократите се виновни за тоа што мигрантите бараат засолниште во САД.

Трамп ги обвини Хондурас, Ел Салвадор и Гватемала за тоа што не ги спречија своите граѓани да се упатат кон САД. Тој во понеделникот рече дека ќе ја скрати или намали помошта за овие земји, додека минатата недела се закани дека ќе ја испрати војската да ја затвори границата.

Откако мигрантите преноќеваа во југоисточниот мексикански град Мапастепек, караванот во четвртокот го продолжи патувањето.

Болестите, полициското вознемирување и стравот го земаат својот данок, така што сега во караванот има од 4.000 до 5.000 мигранти, што е значително намалување од околу 7.000 колку што имаше пред само неколку дена.

Официјални претставници соопштија дека околу 1700 мигранти веќе се откажале од патувањето и побарале азил во Мексико. Неколку стотини уморни мигранти ја прифатија понудата на мексиканската влада да бидат пренесени до нивните домови во матичните држави.

Мексиканските власти одбија да им дадат на мигрантите храна, вода, па дури и пристап до простории со бања, оставајќи граѓани, црковни групи или сочувствителни локални претставници да им помогнат со овие основни средства, пренесе Асошиетед Прес.

Мексиканските власти, наместо тоа, ги овозможија овие средства и услови само за мигрантите кои што се обратија во имиграционите центри за да аплицираат за виза или да бидат депортирани.

Родителите кои што решија да останат во караванот велат дека ова го прават за иднината на своите деца, како и поради страв од потенцијалните опасности кои што ги чекаат ако се вратат во Хондурас, каде што доминираат бандите.

Стапката на убиства во Хондурас е 43 на 100.000 жители и таа е меѓу највисоките во светот за земја која што не е во војна.

Ваквите каравани рутински се движеа минатите години без да привлекуваат многу внимание, но претседателот Трамп го искористи караванот за да ја анимира својата републиканска база пред изборите на 6-ти ноември.

Трамп ја поттикна контроверзноста со серија пораки на Твитер во понеделникот, истакнувајќи дека во караванот кој се движи кон САД има „криминалци и непознати лица од Блискиот Исток“.

Многумина од караванот, дури и ако стигнат до границата, може да не се подобни за азил, бидејќи САД не го признава бегството од сиромаштија и одредени облици на насилство како валидни критериуми за азил.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG