За жал, пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разниша кредибилитетот на Европската Унија. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на обраќањето на 26. конференција на началниците на Армиите и командата на силите на САД во Европа од земјите-членки на САД-Јадранската повелба (А5) која денеска беше отворена во Скопје.
Истражувања покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организацииСтево Пендаровски, претседател
Пендаровски посочи дека руската инвазија врз Украина ја наметнува потребата за интеграцијата на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.
„Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа поддршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување“, укажа Пендаровски.
Претседателот посочи и дека странски ентитети настојуваат да ги спречат процесите на интеграција на земјата во Европската Унија.
„За таа цел, се развиваат хибридни стратегии и закани, се изведуваат сајбер напади и се продуцираат лажни вести и дезинформации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во кредибилноста на регионалните организации во кои сме или сакаме да бидеме“, укажа Пендаровски.
На конференцијата на земјите-членки на САД-Јадранската повелба (А5) ќе се разговара за актуелните безбедносни предизвици и закани во информациското опкружување, а попладне се очекува потпишување заедничка изјава за засилена меѓусебна воена соработка и за одржување и зајакнување на безбедноста во регионот.