Линкови за пристапност

Мешани реакции по првото годишно обраќање на претседателот Пендаровски


Сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество“, рече Пендаровски

Повик за обединување на општеството, повик за враќање на довербата во судството преку реформи со кои правадата ќе биде еднаква за сите, повик за стратегија со која ќе се спречи иселувањето на младите. Тоа беа дел од клучните точки во првото годишно обраќање на Стево Пендаровски во собранието како претседател. Шефот на државата уверува дека ќе продолжи политички да делува независно, како претседател на сите граѓани, а не да биде партиски послушник.

Прво годишно обраќање на Пендаровски - повика на општествено обединување
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00


„Старите поделби по етничка и партиска линија не ги надминавме, а на дневна основа веќе ги гледаме новите поделби, дали во врска со лицата со попреченост, дали во однос на различната сексуална ориентација и родовиот идентитет на некои од нас. Драги пријатели, сè додека се делиме по различни основи и ги дискриминираме поинаквите од нас, не можеме да зборуваме за напредок и да се дефинираме како прогресивно општество“, рече Пендаровски.

Констатираше дека за две и пол години Македонија од „заробена“ стана држава на прагот на членство во НАТО и старт на преговори со ЕУ. Го нотираше напредокот во слободата на медиумите, економските слободи, демократските процеси. Но, тоа не е доволно - вели Пендаровски.

„Генералната перцепција на нашите граѓани е дека тој прогрес не е доволен затоа што нивните очекувања по десет години автократски режим, со право, беа поголеми. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а, креаторот на режимот избега и од правдата и од државата и притоа, ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“ во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата која беше имено формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците“, рече тој.

Зборуваше и за клучните договори потпишани во изминатиот период – Преспанскиот и оној со Бугарија, без, како што рече да се компромитира идентитетот. За актуелните односи со Софија, според Пендаровски, треба да се зборува за проблематичните историски аспекти, но правото да се идентификуваме како Македонци е надвор од секоја дебата.

Власта и опозицијата, чии пратеници денеска беа во салата, различно го гледаат настапот на Пендаровски.

„После 10 години обраќања на еден партиски послушник како Ѓорге Иванов, кој ги промовираше политиките на режимот и изолацијата, денеска бевме сведоци на обраќање на надпартиски Претседател“, рече Хари Локвенец од СДСМ.

„Очигледно господинот Пендаровски не е излезен од чевлите на СДСМ и денес со својот говор наместо да понуди градба на мостови и она што самиот го зборуваше, помирување, тој само успеа да ги продлабочи поделбите во општеството“, рече Илија Димовски од ВРМО-ДПМНЕ.

Видливо беше отсуството на лидерот на опозицијата на обраќањето – Мицкоски тврди дека не бил поканет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG