Отворен и динамичен разговор, така шефот на државата го нарече денешниот состанок со францускиот претседател. Средбата за време на Парискиот мировен форум траела половина час во кој, и тој и Емануел Макрон, ги изнеле своите аргументи зошто земјава не доби датум за преговори и зошто земјава треба да добие датум за преговори.
Според Пендаровски, на состанокот биле расчистени неколку клучни точки. Макрон му пренел дека Париз почнал со разработка на новата методологија за пристапување, и дека на ниво на концепт - документ веќе е дадена на разгледување кај земјите-членки на Унијата. Пендаровски му ги пренел позициите на Северна Македонија.
„Му реков дека ние не би се согласиле со никаква алтернатива за полноправно членство. Тој прецизно ми рече дека никогаш не била негова намера да ни даде алтернатива. Рече дека сака да го подобри процесот на пристапување. Му пренесов нека ја менуваат методологијата колку сакаат – ние сме целосно зад приницпиот на реверзибилност“, изјави Пендаровски.
Предложениот Нацрт - документ, кој е на неколку страници не содржи конкретни детали, туку начела до кои треба да се придржуваат земјите-членки и кандидатките. Се очекува во наредните два месеца да се произнесат и другите држави во Унијата, а како официјален документ да биде усвоен до март догодина пред Самитот ЕУ - Западен Балкан. Макрон објаснил зошто во Брисел решил да не даде „зелено светло“ за почеток на преговори со Северна Македонија.
„Претседателот децидно кажа дека одложувањето во октомври е зашто нив им треба време, а не нам. Рече дека негова стара заложба е да има продлабочување на Унијата и подобрување методологијата. Тоа се две страни на ист процес. Кажа дека тие две работи ќе одат паралелно. Рече дека ние испорачавме се`, второ дека не ни нуди алтерантива на полноправно членство и трето рече дека ќе дојде во Скопје тоа да го каже на нашите граѓани“, рече тој.
Самиот Макрон најавил дека во земјава ќе дојде во првата половина од 2020 година кога, тоа што му го кажал на Пендаровски, ќе им го пренел и на граѓаните. Денеска францускиот претседател воопшто не го споменал носењето закон за Јавно обвинителство како услов за почеток на преговори.
Facebook Forum