Линкови за пристапност

Пендаровски: Никој не може да го разубедува францускиот претседател


Претседателот утре ќе се сретне со Макрон, најавувајќи дека ќе му предочи добри аргументи за пристапувањето на држвата во ЕУ

Северна Македонија нема алтернатива за евроинтеграциите. Според најавите, тоа ќе биде пораката на македонскиот до францускиот претседател.

Емануел Макрон и Стево Пендаровски ќе се сретнат утре на маргините на Парискиот мировен форум, состанок кој е прв на највисоко ниво по минатомесечниот неуспех на врвот на ЕУ да постигне договор за почеток на преговори за членство со државата, токму поради отпорот на Макрон.

Шефот на државата веќе најави дека Северна Македонија е подготвена да продолжи на патот кон членство, независно по која методологија ќе се движи процесот – дали по актуелната, или по нова што ја бара Париз.

Иако се смета за многу значаен состанок, Пендаровски не очекува дека може многу брзо Макрон да се предомисли од својот став.

„Да сме на чисто, да сме ние на чисто, ние сме мала земја со добри аргументи што ќе му бидат предочени на таа средба. Но, да не одиме со преголеми очекувања зашто никој не може да го разубедува францускиот претседател“, изјави Пенадровски.

Не само ЕУ интеграцијата зависи од волјата на Париз. Франција, со Шпанија и Холандија, е една од трие земји кои се` уште не го завршиле ратификувањето на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО.

За зачленувањето во Алијансата, францускиот амбасадор Кристијан Тиомние не гледа проблеми и уверува дека наскоро ќе биде заокружено во Националното Собрание.

„Ратификацијата на НАТО Протоколот е во тек и без проблеми би требало да финишира до крајот на годината“, изјави Тимоние.

В среда во посета на Скопје доаѓа шефот на германската дипломатија, што е прва посета на висок претставник на клучна земја - членка на Унијата по разочарувањето во Брисел.

Очекувањата се дека Хајко Мас ќе испорача поддршка за евроинтеграциите, уверување дека местото на државата е во Унијата, како и барање да продолжат реформите - процес што би им олеснил на одредени членки пак да го реактуелизираат прашањето за доделување датум за преговори во наредниот период.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG