Групата Лима соопшти дека постојат „сериозни и веродостојни закани“ по животот на лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гуаидо.
Дипломатите од 10 земји членки на групата Лима кои се сретнаа вчера во Богота истакнаа дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, ќе биде одговорен ако нешто се случи со Гуаидо или неговото семејство.
Групата Лима е регионален блок кој вклучува 14 земји меѓу кои и Аргентина, Бразил, Канада, Чиле, Колумбија и Хондурас кои бараат мирно разрешување на политичката криза во Венецуела, вклучувајќи и „повторно воспоставување на уставниот поредок, демократијата и владеењето на правото“.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс исто така учествуваше на средбата на групата Лима во Богота. Тој објави санкции против четворица државни гувернери во Венецуела кои го поддржуваат Мадуро.
Нивните средства во САД се блокирани и на американските граѓани и фирми им е забрането да соработуваат со нив. Пенс најави дека ќе има повеќе санкции за режимот на Мадуро.
„Во следите денови ќе објавиме и построги санкции за корумпираните финансиски мрежи на режимот. Заедно со сите вас ќе работиме на тоа да го откриеме и последниот долар кој го украле и да го вратиме во Венецуела.“
Пенс ги повика членките на групата Лима да го следат примерот на САД и да ги замрзнат средствата на венецуелската државна нафтена компанија во нивните земји.
Американскиот потпретседател исто така објави американска помош од 56 милиони долари за земјите во Латинска Америка кои се грижат за повеќе од три милиони жители на Венецуела кои избегаа од земјата.
Facebook Forum