Линкови за пристапност

Мајк Пенс на средба со Хуан Гуаидо и групата Лима


Американскиот потпретседател, Мајк Пенс, ќе одржи говор пред групата Лима за растечката криза во Венецуела

Американскиот потпретседател, Мајк Пенс, изјави дека САД стојат „100 проценти“ зад Хуан Гуаидо, откако веќе го признаа како привремен претседател на Венецуела.

Пенс во Богота, Колумбија, оствари трилатерален состанок со Гуиадо и колумбискиот претседател Иван Дуке.

Се очекува Пенс и регионалните лидери да разговараат за стратегија за забрзување на заминувањето на спорниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро. Воедно, се бара решение како во Венецуела да се достави хуманитарната помош која се собира на границата во Бразил и Колумбија.

Пенс ќе одржи говор пред групата Лима за растечката криза во Венецуела.

Потпретседателот пред да се врати во Вашингтон, исто така, треба да се состане со лица прогонети од Венецуела и со нивните семејства.

На брифингот за новинарите, висок официјален претставник на администрацијата на Трамп изјави дека САД имаат намера да донесат „целосни мерка со економска и дипломатска тежина“ во однос на состојбата во Венецуела, а говорот ќе покаже „конкретни примери што тоа ќе значи“.

Средбата на групата Лима се одржува после викенд исполнет со насилства и немири на границата на Венецуела со Колумбија, каде војската и лојалистите на Мадуро ја блокираат доставата на храна и лекови. Мадуро инсистира дека помошта е изговор за вооружена американска инвазија.

Во меѓувреме, претставниците на Гуаидо сигнализираа дека тој на средбата ќе повика на употреба на сила против Мадуро поради блокирањето на хуманитарната помош и против насилството на границата.

Гуаидо веќе ја повика меѓународната заедница да ги разгледа „сите опции“ за решавање на кризата во Венецуела. Неговата реторика е слична на онаа на претседателот Трамп, кој рече дека „сите опции се секогаш на маса“.

Високиот претставник на администрацијата одби да се изјасни за употребата на сила, освен што рече дека САД ќе имаат средби со Гуаидо и групата Лима „за да разговараат за следните чекори“.

Гуаидо се прогласи за привремен претседател на земјата на крајот од јануари и веќе е признат од страна на САД и десетици други земји како легитимен шеф на Венецуела.

Ниту една од пратките со помош, што во моментов се натрупува во Колумбија и Бразил, не можеше да се пробие поради силите на Мадуро. Имаше и случај на пожар во камионите со хуманитарна помош на еден од граничните премини.

Официјален претставник на американскиот Стејт департмент, кој патуваше со американскиот и бразилскиот конвој за помош, за Гласот на Америка изјави дека два камиони ја преминале границата на Венецуела во саботата, но не им бил дозволен премин преку воениот контролен пункт, така што се вратиле на бразилската страна.

Во неделата, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и шефот на Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, Мишел Бачелет, повикаа насилството „да се избегне по секоја цена и да не се употребува смртоносна сила во никакви околности“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG