Линкови за пристапност

Ерусалим во фокусот на посетата на Пенс во Израел


Нетанјаху им се заблагодари на Трамп и Пенс за нивната заложба и изјави дека односите на САД и Израел „никогаш не биле посилни“

Американскиот потпретседател Мајк Пенс денеска рече дека му претставува чест „да биде во израелскиот главен град Ерусалим“, истакнувајќи ја одлуката на САД за признавање на градот додека се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Претседателот Доналд Трамп направи отстапки од децениската политика на САД, велејќи дека Ерусалим е главен град на Израел и го придвижува процесот на преселување на американската амбасада од Тел Авив, што според најавите, можно е да се случи до крајот на 2019-та.

Нетанјаху им се заблагодари на Трамп и Пенс за нивната заложба и изјави дека односите на САД и Израел „никогаш не биле посилни“.

Покрај серијата билатерални разговори, Пенс ќе се обрати до Кнесет, израелско законодавно тело.

Високи претставници на Белата куќа рекоа дека потпретседателот ќе разговара за односите на САД и Израел, начините за спротивставување на иранското влијание во регионот и стратегијата за сирискиот конфликт.

Американските официјални лица изјавија дека Пенс планира да истакне дека има отворен пат Израелците и Палестинците заеднички да работат и да се направат неопходни отстапки за долгорочен мировен договор.

Одлуката на Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, наиде на остри критики од палестинските лидери, вклучувајќи го и претседателот Махмуд Абас, кој рече дека САД повеќе не можат да играат улога во мировниот процес.

Арапските членови на Парламентот рекоа дека ќе го бојкотираат говорот на Пенс. Нетанјаху ја критикуваше оваа одлука за време на состанокот на кабинетот во неделата, а Пенс го нарече „голем и вистински пријател на Израел“.

Пред да отпатува за Израел, Пенс беше во Јордан, каде кралот Абдула изрази загриженост околу одлуката за Ерусалим и ги повика САД „повторно да ја изградат довербата“ во потрагата по решение за двете држави.

Кралот Абдула рече дека единственото решение за израелско-палестинскиот конфликт, е постоење на две држави, нешто што меѓународната заедница го бара подолго време и дека Источен Ерусалим мора да биде главен град на идната палестинска држава.

Пенс рече дека двете земји не се согласиле околу прашањето на Ерусалим.

Пред Јордан, потпретседателот на САД го посети Египет, каде што вети дека Америка ќе продолжи да ја поддржува оваа држава во борбата против тероризмот.

Пред да замине за Израел, Пенс се сретна со американските војници, стационирани во регионот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG