Линкови за пристапност

Што Македонија ќе му каже на Пенс?


„Не ве заборавивме“ – таа порака, според дипломатски извори на Гласот на Америка се очекува од утрешната средба на македонскиот владин врв со потпретседателот на САД во Подгорица, во рамки на собирот на Јадранската група

Билатералката со Мајк Пенс ќе трае околу 10 минути, а во македонската делегација ќе бидат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Лика, министрите за одбрана и надворешни работи Шеќеринска и Димитров, како и пратеникот Пендаровски. Средбата ќе биде прва на новата власт со врвни претставници на администрацијата на Доналд Трамп. Пенс, според најавите, ќе ја реафирмира американската поддршка за целиот регион, како и евроатлантската иднина на Балканот.

Предвидувањата на соговорниците на Гласот на Америка се дека потрпетседателот Пенс ќе прати пораки и во однос на Русија, како и нејзините обиди за посериозно присуство во овој дел од Европа. Таквите проценки нашите извори ги темелат на фактот дека европската турнеја на американскиот потпретседател ги опфати балтичките земји, Грузија и Балканот, точки што се сметаат за невралгични кога станува збор за надворешните политики, како и економското влијание на Москва.

Што Македонија ќе му каже на Пенс?

„Сигурно ќе ја искористам приликата со потпретседателот Пенс да поразговарам за нашите идни планови, но и да продолжам да ја барам поддршката од САД, како и од другите челник на НАТО, за конечно Македонија да го направи тој долгоочекуван чекор, а тоа е полноправно членство во НАТО“, изјави премиерот Зоран Заев.

Според претставници на американската администрација, посетата на Пенс е знак на посветеност на Вашингтон на регионот.

„Апсолутно да, и тоа јасно ќе го видите при посетата на потпретседателот Пенс на Црна Гора, каде ќе се сретне со премиерот и со другите членки на Јадранската група. Тој ќе ја покаже нашата посветеност на Западниот Балкан и аспирациите за негово интегрирање во евроатлантските институции“, изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

Утре во Подгорица на иста маса со американскиот потпретседател, ќе седнат премиерите на 8 земји од регионот, формат на средба што одамна не се случила на Балканот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG