Линкови за пристапност

Педесет и четири нестандардни депонии низ државата се секојдневна закана за македонските граѓани


Дивите депонии често горат и го загрозуваат здравјето на македонските граѓани. Фото: Дива депонија на Шар Планина
Дивите депонии често горат и го загрозуваат здравјето на македонските граѓани. Фото: Дива депонија на Шар Планина

Педесетина невладини организации, како дел од иницијативата „Збогум Буково“ бараат итно затворање на охридската депонија Буково и изградба на регионална депонија, каде општините од пелагонискиот и од југозападниот дел од државата ќе го носат отпадот

Педесет и четири нестандардни депонии распространети низ целата држава, ги трујат македонските граѓани. На тие места се носи отпадот од општините. Една таква е и дивата депонија Буково, каде Охрид го депонира сопствениот смет.

Иако се наоѓа на дваесетина километри оддалеченост од градот, чадот и неподносливата миризба, речиси постојано го чувствуваат и охриѓани и жителите од околните населени места.

„Сите рокови се пробиени. Депонијата функционира над 50 години. Според локалниот план за управување е кажано дека максимум може да биде експлоатирана до 2025 година. Буково досега требаше да биде најмалку во процес на санирање“, вели Драгана Карашова од иницијативата „Збогум Буково“.

Сите рокови се пробиени, депонијата функционира над 50 години
Драгана Карашова, Иницијатива „Збогум Буково“

„Сведоци сме како во летниот период Охрид е загаден, кога има многу гости, кога треба да е најчист, таа постојано чади“, вели Ѓорѓи Љатко, жител на Охрид.

„Многу едноставно може да се најде некое решение. И ние треба само да видиме кој го направил најубавото решение и да го ископираме решението“, посочува Виктор Крстаноски, граѓански активист.

„Последните 10 месеци од јануари па наваму, депонијата не е воопшто изгасната. Штом ќе дувне ветар од запад кон исток, во Крушје не се живее. Чиста магла е. Јас се разболев на плуќата. Само по лекари одам. Сè е загадено. Водата што ја пиеме е загадена“, вели Димче Ивановски, жител на село Крушје.

Според препораките на УНЕСКО, депонијата Буково и струшката дива депонија, која се наоѓа само на стотина метри од влезот на градот, требаше да бидат затворени до 2020-та година.

„Депонијата е полна со отрови и таа ги загадува подземните води, ја загадува почвата, реките кои поминуваат од таму се сливаат во Охридското Езеро. Почвите на кои ние одгледуваме зеленчук и овошје, тие отрови минуваат и ги загадуваат тие почви. Таа во еден од регионалните планови е категоризирана како високо ризична депонија“, укажува Драгана Карашова од иницијативата „Збогум Буково“.

Здравјето на граѓаните не може да чека, отровните чадови секојдневно стигнуваат до градот
Ѓоко Зороски, иницијатива „Збогум Буково“.

Поради ова, педесетина невладини организации ја покренаа иницијативата „Збогум Буково“, со која од надлежните институции бараат итно затворање на депонијата и ургентно решавање на проблемот со изградбата на регионалната депонија кај општината Новаци, каде населените места од Југозападниот и Пелагонискиот регион, треба да го транспортираат отпадот.

„Проблемот сè уште не е решен и тапка во место. Но, здравјето на граѓаните не може да чека, а сведоци сме дека отровните чадови секојдневно стигнуваат и до градот, но и на ресенска страна“, вели Ѓоко Зороски од иницијативата „Збогум Буково“.

Со мирен собир и со собирање потписи, граѓаните го искажаа своето незадоволство од актуелната состојба. Некои дојдоа од други градови, за да се потпишат на петицијата.

„Депонијата Буково, откако јас работев како новинарка поминати се 30 години, приоритет беше да се среди и да се направи нешто подобро, а уште не е направено. Зошто прашувам, како може 30 години да не е решено ова. Некој сакам да одговори, затоа што тоа нè засега сите. И тие што се на власт и тие што не се, сите дишeме ист воздух“, укажува Нина Кепеска, жителка на Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков најавува интензивирање на процесот за изградба на регионална депонија.

„Тој процес сигурно ќе трае 4-5 години, зборувам генерално со средување на состојбите во Буково“, вели Пецаков.

Од Министерството за животна средина велат дека за регионалната депонија биле обезбедени средства преку заемот од Европската банка за обнова и развој од околу 30 милиони евра. При крај била подготовка на тендерската документација, и оти во најскоро време ќе се објават тендерите за градба на депонијата и претоварни станици. Инаку скопската депонија Дрисла е единствена стандардна во земјата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG