Линкови за пристапност

Волонтерите на Мировниот корпус ќе го вратат во САД најдоброто од Северна Македонија


53 американски волонтери денес положија заклетва во Скопје, со цел зајакнување на мирот во меѓународната заедница

Американските волонтери, 53 членови на 24-тата група на Мировниот корпус, денеска во Скопје свечено положија заклетва пред полна сала присутни, меѓу кои беа и американската амбасадорка, претставници на ресорните министерства и на локалните власти со кои Корпусот соработува, како и на директори на образовни установи и на семејствата-домаќини. Така станаа дел од 800 граѓани на САД, кои од 1996 служеле и служат во Македонија.

Волонтерите од Мировниот корпус, кој е основан во 1961 со одлука на претседателот Џон Кенеди, со своите активности низ светот придонесуваат за зајакнување на мирот во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традииции.

Првата група во Македонија, во 1996-тата, ја сочинувале само седумина волонтери.

Новите волонтери кои се на возраст од 20 до 60 години, и потекнуваат од тресеттина американски сојузни држави, есенва имаа десетнеделна обука во пет општини, Росоман, Неготино, Лозово, Свети Николе и Гостивар, и во тој период, сместени во домовите на семејствата-домаќини, ги изучуваа македонскиот и албанскиот јазик, како и културата и обичаите во Македонија. Во практичната обука, соработуваа со локалните училишта и со невладините организации.

Американската амбасадорка Брнс во обраќањето истакна дека „волонтерите не само што го претставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат дома и најдоброто што може Северна Македонија да го понуди на светот и на САД, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето“

Таа истакна и дека тројца нејзини соработници во Амбасадата во Скопје се поранешни мировници од Корпусот, посебно им се заблагодари на семејствата-домаќини на волонтерите и ја акцентираше вредноста на размената на идеи при заедничката работа.

Директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин, потенцираше дека „волонтерите се талентирани и посветени луѓе, умни и подготвени да почнат со работа, а резултатите на нивната работа се извонредни“.

На церемонијата беше истакнато и дека дел од членовите на МАК24 групата на Мировниот корпус, се деца на поранешни волонтери, дека се работи за луѓе кои се посветени, скромни, и со авантуристички дух, како и дека според паролата „глас на безгласните“, актуелните волонтери, особено ќе се заложат за охрабрување на сите оние кои не се доволно забележани во општеството, како лицата со посебни потреби или девојчињата – Ромки, на пример.

Мировниот корпус им додели плакети за успешната соработка на присутната министерка за труд и социјални работи Мила Царовска, и на претставниците на Министерствата за локална самоуправа и за образование и наука.

Двајца од волонтерите им се заблагодарија на присутните на македонски и на албански јазик, истакнувајќи ја убавината на македонскиот обичај за „одење на гости“

Во своето обраќање, министерката Царовска ја истакна вредноста на партнерството и заедничкото инвестирање во заедниците во Република Северна Македонија, и изрази надеж дека американските волонтери ќе дадат свој придонес и за процесите на деинституционализација, за живот „едни со други“ а не „едни покрај други“, како и за градењето мостови меѓу граѓаните на САД и Северна Македонија.

Како дел од официјалната програма, тројца волонтери-гитаристи од специјално за церемонијата формираната група „Баба Слава“, исполнија микс од американски и македонски нумери, а за време на коктелот, волонтери-играорци изиграа ора од Македонија, кои успеале да ги подготват за само две недели.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG