Во оваа нова студија на Универзитетскиот медицински центар во Амстердам комбинирани се резултатите на претходни студии од Северна Америка и Јужна Африка, вклучувајќи повеќе од 55.000 деца, на возраст меѓу 6 и 18 години.
Во таканаречената „систематска ревизија“ на 14 студии, истражувачите нашле врска меѓу физичката активност и напредокот во училиште.
„Врз основа на резултатите од нашата студија може да заклучиме дека да се биде физички активен е корисно за академскиот успех“, вели Амика Синг, раководителот на истражувањето. Таа додава дека може да има биолошко објаснување на таа врска:
„Психо-физичкото објаснување е поинтензивен проток на крв, што значи повеќе кислород во мозокот. Да се биде физички активен значи дека има повеќе хормони како ендорфини, а ендорфините го намалуваат нивото на стрес и го подобруваат расположението, што значи дека подобри резултати покажуваат."
Исто така оние што се физички активни со организиран спорт, со учење и следење на правила може да го поправат и своето однесување на часовите и да ја подобрат концентрацијата.
Заради разликите меѓу студиите, Синг вели дека не може да се каже дали количината и видот на активностите влијае на тоа колкаво ќе биде подобрувањето во училиште. Но, ако се има предвид општото наоѓање – дека физички активните деца имаат поголема веројатност да покажат подобар успех на училиште - таа вели дека едукаторите треба тоа да имаат превид пред да се решат на скратување на програмите за фитнес во училиштата.
Студијата е објавена во списанието „Архива на педијатрија и адолесцентна медицина“.