СКОПЈЕ – Не ги истакнале знаците за намалени цени или не ги намалиле цените. Пазарните инспектори изрекле казни на 8 маркети, дел од нив ланци на големи маркети, кои ќе треба да платат вкупно 20 илјади евра казна или во просек по 2.500 евра. Нерегуларности се откриени во четири маркети во Струмица, три во Струга и два во Скопје.
Во текот на вчерашниот ден направени се 60 контроли во трговски објекти низ државата а денес течат 16 контроли додека 47 тима на пазарната инспекција со вкупно 135 инспектори се излезени на терен, соопштија од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Граѓаните со поделени ставови околу владината мерка. За едни дава резултати но повеќето сметаат дека намалувањата на цените од денар, два три или дваесет денари едноставно не е доволно.
„Еден денар поефтин леб не менува многу во мојот буџет. Овошјето сеуште е скапо, зеленчукот исто. Трговците некако најдоа начин да ја изиграат и оваа мерка бидејќи јас реално не гледам некој голем пад на цените“, вели пензионер од Скопје.
„За повеќето од производите кои јас ги купувам цените се горе долу исти. Не гледам некоја разлика во сметката која ја платив денес. Мислам дека трговците најдоа начин повторно да заобиколат нешто во мерката“, изјави жител на Скопје.
Надлежните пак со објаснување дека дел од производите кои сега се во есенската потрошувачка кошница имале маржи помали од 10 проценти и затоа нема измена во цената односно нема обврска да се намали.
Викендов на сила треба да стапи Законот за нефер трговски практики со кој ќе се ограничи рабатот на над 2.500 производи кој според предвидувањата ана надлежните треба да донесе дополнително намалување на цените за околу 10 проценти.
Според последните официјални податоци на државниот завод за статистика (ДЗС) во изминатиот период најголемо поскапување од десет проценти имало токму кај сезонскиот зеленчук.
Facebook Forum