Новинарот, за да може да биде концентриран и посветен на работата, да може да се занимава со високо профилирана корупција и криминал, мора да биде економски стабилен, неговата егзистенција да е задоволена.
Тоа во разговор за Гласот на Америка го нагласи Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, а по повод денешната конференција „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“ што ја организира ССНМ.
Беловски стравува дека ниските примања на новинарите значат и нивна ранливост на закани и влијанија.
„Ако имаме новинар кој мора да работи три работи, тој не е целосно посветен, не е концентриран и подлежи на манипулации, влијание и поткуп, од коешто најмногу стравуваме“, посочи Беловски.
Истиот став го дели и за редакциите, при што смета дека економски слаби редакции исто така се ранливи на политички и бизнис влијанија.
Ако имаме новинар кој мора да работи три работи, тој не е целосно посветен, не е концентриран и подлежи на манипулации
„Ако има од државата или од други интересни групи финансиски упад, влијание, во медиумот, тогаш тој медиум е подлежен на корупција и повторно немаме слободни новинари. Мора да имаме и самиот медиум да е ослободен од влијание, и самиот поединец да ослободен од влијание, за да зборуваме за некакво си новинарство“, укажува Беловски.
Првиот човек на ССНМ вели дека „сè повеќе новинари ја напуштаат оваа професија“.
„Оние кои поседуваат медиуми тешко доаѓаат до сознание дека не постои вазална врска. Забораваат дека новинарството има квалитет, а тој квалитет има цена“, вели Беловски.
Истражувањата на ССНМ покажале дека најзагрижувачки се состојбите во онлајн медиумите.
Од 698 опишани работни позиции, односно луѓе кои работат во онлајн просторот во Македонија, само 39,1% се пријавени на полно работно време. Останатите се хонорарци.
„Тоа што нè загрижува е што имаме поголем број на онлајн медиуми, од вкупен број на вработени. Тоа укажува на податокот дека многу од нашите колеги работат на повеќе позиции, односно најтешката форма на прекаријат ни се случува токму во онлајн просторот“, вели Беловски.
Истражувањата, како што вели Беловски, покажале и дека платите на македонските новинари се под просекот во државата, како и дека се најниски во регионот. Лидерот на ССНМ најави засилени активности за носење законски измени со кои би се стимулирал раст на платите во секторот.
Ако сакаме засекогаш да ги поставиме работите на работите на здрави нозе, тоа се колективните договори
„Ослободување при раст на платата до одредена сума, од персоналниот данок“, предлага Беловски.
Додава и други измени во Законот за медиуми.
„Ќе ја ослободуваме уредувачката политика од влијанието на сопствеништвото. Ќе ставиме неколку столбови на социо-економската стабилност во однос на вработувањето“, најавува Беловски.
Но, како круцијална измена ја смета воведувањето Колективни договори за националните и за локалните медиуми.
„Ако сакаме засекогаш да ги поставиме работите на работите на здрави нозе, тоа се колективните договори. Влегуваме во процес на изработка на Колективен договор. Преку тој договор може да ги пропишеме условите за хабитатот на работникот, преку плати и унапредувања“, вели Беловски во разговор за Гласот на Америка.
Според податоците што беа презентирани денеска на конференцијата „Социо-економската сигурност – услов за професионално новинарство“, во медиумскиот сектор во земјава има вкупно 3.146 работни позиции. Од нив 1.694 се новинарски позиции, додека 1.452 се позиции на медиумски работници.
Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата во РСМ
Онлајн медиумите вработуваат 20,2% од вкупно 1.039 редовно вработени новинари во медиумската индустрија.
Од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници, дури 72,3% работат во МТВ и во телевизиите кои емитуваат програма на национално ниво.
Од вкупно 1.039 редовно вработени новинари 56% се жени, а од вкупно 1.072 редовно вработени медиумски работници 70% се мажи.
Од попишаните 681 работна позиција во онлајн медиумите само 39,1% се редовно вработени новинари и медиумски работници.
Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата во РСМ (37.065 денари, мај-октомври 2023).
Facebook Forum