Линкови за пристапност

Вартоломеј повторно ќе биде хоспитализиран на последниот ден од посетата на САД


Тимот за комуникации на вселенскиот патријарх соопшти дека е можно да му биде вграден стент по прегледот попладнево

Екуменскиот патријарх Вартоломеј повторно ќе биде хоспитализиран во болницата „Маунт Синај“ во Менхетн, да се утврди дали има потреба од вградување стент, соопшти неговиот тим за комуникации.

Вартоломеј денес требаше да замине за Истанбул, по 12-дневна посета на САД, при која се сретна и со претседателот Џо Бајден.

Тој првпат беше хоспитализиран само ден откако пристигна во САД поради „исцрпеност од долгиот лет и претходни подготовки за патувањето“

„По резултатите од прегледот во болницата `Маунт Синај` во Менхетн, како и по консултации со лекарите, вселенскиот патријарх Вартоломеј подоцна попладнево ќе биде примен во болница за ангиограф што ќе ја процени потребата од вградување стент“, соопшти неговиот тим.

Вартоломеј изминативе денови се сретна со претседателот Бајден, државниот секретар Ентони Блинкен, спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер, како и граѓани и верски лидери во повеќе градови низ САД.

Тој најави дека заедно со папата и други верски лидери ќе помогнат во повикување на граѓаните да се вакцинираат против ковид-19.

Вартоломеј ја истакна и клучната улога што верските заедници ја имаат во борбата против глобалните предизвици, повикувајќи дека е потребна „итна политичка акција во одговор на климатската криза, потенцирајќи ја одговорноста на сите лидери да ги исполнат нивните ветувања за да ги адресираат климатските промени“.

Тој, исто така, се заблагодари за поддршката на американската администрација за вселенската патријаршија и нејзините идеи и вредности.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG