Линкови за пристапност

Патнички авион кој летал од Азербејџан за Русија се урна во Казахстан


Поглед од дрон го покажува местото на падот на патнички авион во близина на Актау
Поглед од дрон го покажува местото на падот на патнички авион во близина на Актау

Патнички авион кој летал од Азербејџан за Русија се урна денес во близина на градот Актау во Казахстан со 62 патници и пет членови на екипажот, соопштија казахстанските власти, наведувајќи дека 27 лица преживеале.

Непроверената снимка од несреќата покажа дека авионот, со кој управувал „Азербејџан ерлајнс“, се запалил како што удрил на земја, по што се крева густ црн чад. Крвави и помодрени патници можеа да се видат како се сопнуваат од дел од трупот што остана недопрен.

Министерството за вонредни ситуации на централноазиската земја во соопштение кажа дека противпожарните служби го изгасиле пожарот и дека преживеаните, меѓу кои и три деца, се згрижени во блиската болница.

„Азербејџан ерлајнс“ соопшти дека авионот „ембраер 190“ летал од Баку до Грозни, главниот град на руската Чеченија, но бил принуден да изврши принудно слетување на приближно 3 километри од казахстанскиот град Актау.

Руските новински агенции јавија дека авионот бил пренасочен поради маглата во Грозни.

Властите во Казахстан соопштија дека почнале да истражуваат различни можни верзии за тоа што се случило, вклучително и технички проблем, објави руската новинска агенција „Интерфакс“.

Во соопштението на руската авијациска организација се вели дека прелиминарните информации сугерираат оти пилотот решил итно да слета по удар на птици.

По несреќата, Илхам Алиев, претседателот на Азербејџан, се вратил дома од Русија каде што требало да присуствува на самит денес, објави руската новинска агенција РИА.

Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија, поддржан од Кремљ, изрази сочувство во изјава и рече дека оние кои се лекуваат во болница се во исклучително тешка состојба и дека тој и другите ќе се молат за нивно брзо закрепнување.

XS
SM
MD
LG