Линкови за пристапност

Се распушти Собранието


117 пратеници гласаа „за“ иницијативата на ДУИ за предвремени парламентарни избори.

117 пратеници во Собранието денеска гласаа „за“ иницијативата на ДУИ за распуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори.

Иницијативата ја образложи пратеникот Неџат Јакупи: „Нашата понуда за избор на консезуален претседател не беше сериозно разбрана од ниту еден политички субјект. Жалиме што ниту една партија не е подготвена за ваков визионерски чекор. Тоа не е политичка уцена, туку предизвик, кој говори за политичка зрелост. Ние сакаме земјата да ја вратиме на патот на реформите и евроатланските интеграции. Тоа ќе биде можно со нов парламентарен состав, со нови политички и економски инвестиции и со зачленување во ЕУ и НАТО. ДУИ смета дека одржувањето на предвремени избори е во интерес на унапредување на дијалогот и заживување на разговорите со соседите и со ЕУ и НАТО. Политичките субјекти кои ќе формираат нова Влада ќе ја имаат таа можност“.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ гласаше во полза на предвремени избори, но координаторката Силвана Бонева коментираше: „Со наближување на претседателските избори се манифестираа партиските интереси, но и моноетничките интереси. Се спротивставивме на интенцијата да се намали значењето на претседателските избори. Немаме намера да поддржуваме политики за кои сметаме дека се спротивни на државните интереси. Стабилноста на институциите не смее да биде предмет за пазарење... Изборите за нас мора да бидат успешно спроведени и ги отфрламе барањата чија цел не ни е сосема јасна. Одржувањето избори никогаш не може да биде фарса, како што тоа го тврди опозицијата од своите тесни кулоари. Ние со ДУИ имаме спротивставени ставови за претседателските избори - тие не сакаат изборите да успеат, ние сакаме, тие сакаат народ да не го избира претседателот, ние не сакаме. Ние сакаме граѓаните да бидат тие што единствено ќе ги носат вака крупните одлуки“, рече Бонева.

Поддршка за иницијативата за распуштање на Собранието дојде и од опозицискиот СДСМ. За нив, се` што се случува е фарса и договорено сценарио меѓу ДУИ и ВМРО.

„Под образложение дека има криза во државата мора да одиме на избори - лажат нема политичка криза“, рече партискиот координатор Игор Ивановски.

„Ова е предходно договорено сценарио од истите играчи ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, нов ефтин филм за гола распределба на тендерите. Започнувајќи од етнички конструирани мини конфликти, како што беа тепачките во автобусите, каде само средношколците беа жртви, па се до оштетување на спомениците“, кажа Ивановски, обвинувајќи ги двете партии дека зад грбот на јавноста преговараат за промена на името.

„Кога Груевски изјави дека не подлегнува на уцени, очекувавме да каже кои се тие уцени - тоа што ДУИ не дава избор на претседател, па нема да гласаат на избори? Зошто Груевски не ја осуди намерата на владејачка партија да бојкотира избори. Мора да кажете кои се уцените? Си играте мајтап со изборите и со народот. Што е тоа тајно во преговорите со Грција? Дали тоа наскоро може да значи повторни предвремени избори? Груевски нема мандат да преговара за македонскиот идентитет, затоа прашуваме, дали тоа ќе биде идната, најскапата фактура?“, праша Ивановски.

Распуштањето на Собранието го подржаа и од ДПА. Беким Фазлиу нема дилеми дека овие избори се сценарио со кое ДУИ ќе го поддржи изборот на Ѓорге Иванов за претседател на Македонија и чија цел е функционерите на ДУИ да продолжат со „антиалбанската политика, а заради свое богатење“.

Станува извесно дека првиот круг на парламентарни избори ќе се оддржи на 27-ми април, истиот ден кога во Македонија ќе се гласа во втор круг за претседателските избори. СДСМ смета дека совпаѓањето на денот на гласањето на вториот круг од претседателските со првиот круг од парламентарните може да донесе проблеми, поради што побара измени во изборниот законик.
XS
SM
MD
LG