Линкови за пристапност

Парламентот ја избра преодната влада


И покрај бојкотот на опозицијата новоизбраната влада има намера и без исполнување на Договорот од Пржино, да ги спроведе изборите на 24 април.

„Ја слушнав одлуката донесена денес за предвремени избори на 24 април како што е договорено во Пржино. Како што реков, повеќе би сакал консензуална одлука на сите партии. Сега е од круцијална важност сите политички и институционални актери во земјата да сторат се што можат за да се обезбедат фер избори според демократски стандарди. За да се направи ова, итно е да забрза подготвителната работа, особено околу изборниот список. И покрај неуспехот да се најде заеднички договор за денот на изборите, очекувам сите политички партии конструктивно да соработуваат и да се држат до нивните ветувања во рамките на договорот од јуни и јули вклучително и реформските приоритети“, се вели во соопштението на еврокомесарот Јоханес Хан, по вчерашните бурни настани на политичката сцена на Македонија.

Откако попладнето, со ненадејно вметнување на точката на дневен ред, пратениците на мнозинството, без присуство на опозицијата, ја констатираа оставката на премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов му го предаде мандатот за состав на новата преодна влада, на мандаторот Емил Димитриев, посакувајќи му среќа, а вечерта, Собранието на Македонија, без присуство на пратениците од опозицијата, и со само двајца дискутанти од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, и ја избра преодната Влада со 72 гласа, деветмина беа воздржани, и ниту еден против.

Според договорот од Пржино, Димитриев како претседател на преодната влада треба да ја врши функција во наредните сто дена до одржувањето на предвремените избори. Димитиев кој досега беше пратеник и претседател на собраниската Комисја за одбрана и безбедност, до Собранието го доставил списокот со предлозите за министри меѓу кои биле и социјалдемократите Оливер Спасовски за внатрешни работи и Фросина Ременски за труд и социјална политика, кои според одлуката на опозицискиот СДСМ, не присуствуваа на свечената заклетва. Така, новиот премиер, ќе ги обавува и функциите министер за внатрешни и функцијата министер за труд и социјала.

„Граѓаните се тие кои одлучуваат, а ние треба и ќе продолжиме да работиме за нив, за нашата земја Македонија и за нашата заедничка иднина. Ние ја имаме одговорноста пред граѓаните, и во вакви сложени времиња, не отстапуваме, продолжуваме одговорно, достоинствено, со чесна намера, и во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, рече Димитриев.

Тој ја повика опозицијата конструктивно да се однесува:. „Ја уверувам дека преодната Влада ќе организира фер и демократски избори. Вие имате одговорност и треба да се вклучите во овј процес“.
Димитриев му се заблагодари на досегашниот премиер Груевски за водењето на земјата и за менаџирањето на состојбите и за тоа што „не дозволил ескалација на политичката криза“.

Според Предлогот за работа на новата Влада, спроведувањето на изборите ќе се темели на Уставот и на Изборниот законик, како и на имплементацијата на стандардите на ОБСЕ/ОДИХР и на Европската комисија.

Но, на своја седница Извршниот одбор на СДСМ ја потврди одлуката која претходно ја соопшти и партискиот лидер Зоран Заев, дека партијата нема да учествува на изборите на 24 април, зашто не се исполнети условите од Договорот од Пржино - соодветна регулација на медиумите и пречистување на избирачкиот список. Најавата за бојкот на изборите на опозицијата, која истите и ги иницираше со своите барања за неодложни реформи и со објавувањето на „бомбите“ (прислушуваните разговори за криминалните афери на претставниците на власта кои се сега предмет на работа на Специјалниот јавен обвинител), ја доведува во прашање логиката на нивното одржување, во услови на неспроведени реформи.

Кандидатот на опозицијата на последните претседателски избори, професорот Стево Пендаровски, за продлабочувањето на политичката криза, на Твитер напиша: „Ако ЕУ преку Хан мисли дека само три партии ќе решаваат за демократски избори, ние сигурно влегуваме во најтешката криза од осамостојувањето“.

XS
SM
MD
LG