Линкови за пристапност

Нова политичко-институционална криза во Македонија?


Нова политичко-институционална криза во Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00

Ќе поднесеме кривична пријава против Талат Џафери, најави Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Ја втурна ли законот за употреба на јазиците Македонија во нова политичко-институционална криза? Oдговорот го даваат изјавите и потезите на двата спротивставени табора – мнозинството на СДСМ и ДУИ од една и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и шефот на државата од друга страна, кои се со дијаметрално различни позиции за состојбата.

Социјалдемократите и „интегративците“ сметаат дека Ѓорге Иванов е тој што ќе го прекрши Уставот ако, како што најави, реши да не го потпише указот за прогласување на законот кој вчера Собранието по вторпат го усвои.

„Членот 75 од Уставот на Република Македонија е јасен и по повторното гласање со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието, што е случај со законот, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот за прогласување на законот. Во спротивно ги крши уставните одредби“, изјави претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери.

„Законот за употреба на јазиците е целосно во согласност со Уставот и амандманот 5 кои се донесени пред 17 години. Никој не e, и не може да биде над Уставот. Со унапредувањето на правата за употреба на јазиците не губи никој, туку се овозможуваат услови за подобра комуникација меѓу граѓаните и институциите. Непречената комуникација на граѓаните е цивилизациска придобивка. Истовремено, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик“, рече премиерот на Македонија, Зоран Заев.

Опозицијата денеска повтори дека владејачкото мнозинство го погазило правото со, како што вели, нелегалното прогласување на законот за двојазичност за изгласан и оневозможувајќи ја расправата за поднесените 35 илјади амандмани. ВМРО-ДПМНЕ не го признава законот – соопшти партијата, потврдувајќи го ставот што синоќа го изнесе лидерот Мицкоски.

„Ќе поднесеме кривична пријава против Талат Џафери. ВМРО-ДПМНЕ не го признава овој закон“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Сличен е ставот и на шефот на државата кој во синоќешното обраќање најави второ вето за законот.

Неправедниот закон и не заслужува да се нарече закон. Како Претседател на Република Македонија, јас ова нема да го дозволам. Затоа, нема да потпишам Указ за прогласување на закон кој е донесен на ваков начин“, изјави Иванов.

И, дел од правните експерти, кои денеска беа особено гласни на социјалните мрежи, имаат различни толкувања на ситуацијата.

„Без потпишан указ од претседателот на републиката, нема закон зашто тоа е клучен елемент во финализирањето на постапката за негово донесување“ – вели професорката Тања Каракамишева.

Универизтетскиот професор Тито Беличанец пак има сосема поинаква позиција - напиша дека уставниот суд ќе го принуди Иванов да го потпише указот за законот кој првично беше донесен на 11-ти јануари по што следеше првото вето на шефот на државата.

Законот, вчера, по втор пат помина во Парламентот - во многу напната атмосфера.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG