Поради страв дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп може драстично да ја промени политиката на САД кон Блискиот Исток, претставници од повеќе од седумдесет држави и од меѓународни организации, се согласија дека дводржавно решение е единствената изводлива опција за постигнување мир.
По состанокот во Париз, на кој не присуствуваа ниту Израелците ниту Палестинците, францускиот претседател Франсоа Оланд ги отфрли песимизмот и цинизмот.
„Знам што беше кажано на оваа конференција што може да биде наивно: како може да размислуваме за мир денеска, кога Блискиот Исток се распаѓа? Дури беше кажано дека ова е бесмислено и дека многу малку допринесуваме за меѓународните реалции со оваа прес конференција. Во тој случај, јас велам дека ќе биде многу наивно да веруваме дека ќе ги доближиме Израел и соседите, без придвижување кон мир“, рече Оланд.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги нарече разговорите во Париз некорисни, против кои, вчера утрото, протестираа и израелските поддржувачи.
Позицијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за наводно селење на амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим, може да го доведе во опасност дводржавното решение.
Американскиот државен секретар Џон Кери рече дека тие планови „не се дел од меѓународните преговори во моментот“.