Линкови за пристапност

Најважно во овој момент е да се затвори нелегалната аболиција на Иванов, бара СДСМ


11 декември e најрано што Собранието може да расправа за автентично толкување на Законот за помилување
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:55 0:00

ВМРО - ДПМНЕ ќе даде поддршка на иницијативата за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, потврди денеска лидерот на опозицијата

11 декември е најрано што Собранието може да расправа за барањето на владејачката СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

По денешната координација со пратеничките групи, спикерот потврди дека почнува собраниската постапка за ова барање кое тој го доставил до Владата и до матичната собраниска комисија за мислење.

Според Џафери, мислењата и да стигнат во најкусо време, пленарната седница ќе се закаже дури по завршување на собраниската дебатата за Буџетот по 11 декември.

ВМРО - ДПМНЕ ќе даде поддршка на иницијативата за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, потврди денеска лидерот на опозицијата кој ги повтори своите барања.

„Вчера го дадовме одговорот и ние, за разлика од нив, не ги менуваме ставовите по една ноќ. Но СДСМ не кажа ништо за нашето барање дали на аболирани политичари им е местото во политиката“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Социјалдемократите, пак, повикаа преку автентично толкување да се затвори прашањето за аболициите што Иванов ги даде па ги повлече за лица кои се дел од предметите на СЈО.

„Во името на заштитата на правдата ги повикуваме сите пратеници, од сите парламентарни партии, пред се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржат барањето на СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување. Најважно во овој момент е да се затвори нелегалната аболиција на Иванов и да се обезбеди одговорност пред законите на сите оние коишто ги прекршиле. Наместо да се занимава со несериозни и неиздржани предлози, Христијан Мицкоски треба да ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат барањето на СДСМ“, рече Снежана Калеска - Ванчева од СДСМ.

Денеска со соопштение се јави и Уставниот суд кој в среда треба да расправа за уставноста на членот 11-а од Законот за помилување - чин со кој потенцијално се загрозуваат вископрофилираните судски предмети против функционери од поранешната власт.

„Уставниот суд со внимание ги следеше написите, коментарите, изјавите на претставници на одредени државни органи, дел од медиумите и поедини експерти во кои беа изнесени невистини, обиди за прејудицирање на одлуките на Уставниот суд и невистинито информирање за исходот на гласањето, но и необјективни и нестручни коментари. Судот смета дека со коментарите и прејудицирањата, се врши директен упад и притисок за нормално функционирање на Судот“ , велат од Уставниот суд.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG