Линкови за пристапност

Панета предупредува на буџетска катастрофа


Американскиот Секретар за одбрана вели дека буџетските скратувања за Пентагон ја ослабуваат одбраната на земјата.

Пентагон веќе се согласи да скрати 450 милијарди долари од буџетот во период од 10 години. Воедно се соочува со дополнителни 500 милијарди долари скратувања во буџетот откако членовите на Конгресот не постигнаа договор за намалување на дефицитот на државата.

Секретарот за одбрана Леон Панета и главниот армиски офицер на САД генералот Мартин Демпси беа на распит во Сенатот каде рекоа дека се против планираните скратувања со образложение дека би резултирале во губење на работни места и намалено финансирање на операциите вклучувајќи ги и оние во Авганистан.

Панета предупреди дека скратувањата ќе значат катастрофа за американската одбрана.

„Можам да гарантирам дека тоа ќе значи оштетување на нашата моќ и сериозна штета на нашата национална одбрана. Ги повикувам обете партии на соработка за да се најде издржано решение“, кажа Панета.

Првиот човек на Пентагон предупреди на уште една можна катастрофа – кибернетски напад на виталните информатички системи, и тоа таков што бил со ефект како јапонскиот напад на Перл Харбор во 1941-та година што ја вовлече државата во Втората светска војна.

Панета подвлече и дека американските непријатели работат на развивање на кибернетски способности и се обидуваат да изведат стотици напади дневно врз клучните системи во државата. Тој додаде дека американската армија работи на тоа да остане подготвена.

„Мошне сум загрижен дека кибернетски напад може да го оштети системот за напојување со електрична енергија, може да ги осакати нашите владини системи, штетата на нашите финансиски системи би значело буквално парализирање на оваа земја и според мене тоа би било потенцијал за уште еден Перл Харбор, кога се работи за вид на напад на кој ние би биле цел“, подвлeче Леон Панета.
XS
SM
MD
LG