Линкови за пристапност

Леон Панета на распит по номинацијата за следен Секретар за одбрана


Леон Панета на распит по номинацијата за следен Секретар за одбрана
Леон Панета на распит по номинацијата за следен Секретар за одбрана

Сенатската комисија за оружени сили одржа распит за номинираниот за следен Секретар за одбрана од претседателот Барак Обама, Леон Панета, сегашен директор на Централната разузнавачка агенција – ЦИА. Панета беше топло примен од панелот, но беше соочен со тешки прашања за големината и темпото на повлекување на трупите од Авганистан и плановите на претседателот за намалување на буџетот за одбраната.

Републиканските и демократските законодавци на сенатската комисија брзо покажаа дека е јасно оти се согласуваат со изборот на Леон Панета за следен Секретар за одбрана. Републиканскиот сенатор Линдзи Грем од Јужна Каролина го фалеше Панета, а потоа го бомбардираше со многу прашања за голем број предизвици со кои ќе се соочи.

„Мислам дека претседателот состави одличен безбедносен тим , а вие сте еден од главните алки на тој тим. А сега, тешките прашања ...“, го започна распитот Грем.

Неколку сенатори на Панета му дадоа кредит дека бил вистинската личност што претседателот Обама ја ставил на место да раководи со операцијата за фаќање или убиство на лидерот на ал-Каида Осама бин Ладен. Панета кажа дека верува оти убиството на бин Ладен во мај на САД им дало најдобра шанса од 11 септември 2001 наваму да ја поразат терористичката мрежа ал-Каида.

Нивото на трупи во Авганистан беше голем фокус на распитот. Претседателот Обама вети дека ќе започне со повлекувањето на американските трупи од Авганистан во јули, со цел воените операции во земјата да бидат завршени до крајот на 2014.

Претседателот на Комисијата за оружени служби на Сенатот, демократот Карл Левин, го повика претседателот да повлече 15 000 американски трупи од Авганистан до крајот на оваа година. Левин го цитираше претседателот со зборовите дека е време Авганистанците да започнат да ја преземаат одговорноста за нивната сопствена иднина.

„Претседателот исто така рече дека намалувањето што ќе започне во јули ќе биде значително, а не само на зборови. Јас ја поддржувам таа одлука“, рече Левин.

Но исто така имаше и неколку сенатори во комисијата кои се загрижени дека со пребрзо повлекување од Авганистан ќе се стави во ризик прогресот направен во земјата за последните десет години. Републиканскиот сенатор Џон Мекејн од Аризона е еден од нив:

„Би се согласил со секретарот Гејтс дека секое повлекување треба да биде скромно за да се зачува до сега постигнатото од нашите трупи во текот на следната борбена сезона“.

Панета одби да каже дали повлекувањето под негово раководство би било скромно или значително, велејќи дека се согласува со претседателот дека тоа треба да биде засновано на условите.

Серија прашања се однесуваа на Пакистан, со наводи од неколку сенатори дека земјата станува засолниште на терористи. Панета рече дека се согласува со администрацијата чиј став е дека е потребна соработка со пакистанската влада, зашто непријатот е заеднички.

За Либија Панета кажа дека има знаци оти воениот и економскиот притисок покажуваат некаков ефект и дека очекува либискиот лидер Моамар Гадафи да ја напушти власта доколку САД и НАТО истраат со притисокот.

Доколку биде потврден од Сенатот, Панета треба да ја презема контролата на Пентагон во време кога САД се инволвирани во конфликти во Ирак, Авганистан и Либија, а претседателот побара дополнителни 400 милијарди долари намалување на буџетот на одбраната.

Панета исто така вети дека ќе го елиминира непотребното трошење во Пентагон и дека државата им должи на припадниците на армијата и нивните семејства најдобри можни бенефиции и здравствена грижа.

XS
SM
MD
LG