САД остануваат пријатели и партнери на Северна Македонија. Метју Палмер, со оваа порака до Зоран Заев, ја заврши неколкудневната посета на земјава. На средбата со премиерот, специјалниот претставник на државниот секретар за Западен Балкан разговарал за овдешните, но, и за случувањата на Самитот во Брисел, на кој членките на ЕУ не постигнаа консезус за Македонија да почне преговори за членство.
Палмер пренел дека за ова прашање американската администрација е во контакт со европските партнери, и дека Вашингтон нема дилеми за европската интеграција на земјата.
Во делот на НАТО тој уверува дека нема какви било проблеми на патот кон полноправно членство.
„На премиерот и на останатите соговорници им ја повторив важноста што САД му ја придаваат на релациите со Северна Македонија, како и задоволството од одлуката на американскиот Сенат да го ратификува Протоколот за пристапување во НАТО. Се радуваме што наскоро земјата ќе стане 30-та членка. Ја реафирмирав американската поддршка за европската интеграција и перспектива. Тоа јасно го кажавме овде во Скопје и ќе продолжиме да им го кажуваме и на нашите европски партнери“, рече тој.
Беше јасен дека на средбите со државниот врв и опозицијата повторил дека САД остануваат зад Преспанскиот договор, кој го нарече суштински за мир, стабилност и безбедност на Балканот.
Ситуацијата во регионот била дел од прашањата отворени на средбата на американските амбасадори акредитирани во земјите од Балканот кои денеска се сретнаа во Скопје.
Специјалниот претставник за Западен Балкан од Скопје продолжува за Приштина, Белград и Атина.
Facebook Forum