Огромно достигнување е што во пикот на пандемијата, во период меѓу 24 и 36 часа, Северна Македонија доби зелено светло за отворање пристапни преговори со Европската Унија, и стана 30. членка на НАТО, изјави Метју Палмер, специјален претставник на Стејт департмент за Западен Балкан, на виртуелен брифинг во Вашингтон.
„Тоа е многу позитивна приказна. 27 март ќе биде датум врежан во книгите по историја на Северна Македонија. Европскиот совет беше во позиција да направи навистина историска одлука да отвори пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Тоа беше нешто што САД цврсто го поддржуваа и за што се залагаа, адресирајќи ги поделбите што настанаа поради неуспехот на Европскиот совет да ја направи истата таа одлука минатиот октомври “, рече Палмер.
Тој изјави дека е важно да се постави напред патот за имплементација на Договорот од Преспа, додавајќи дека процесот на интеграција во ЕУ ќе се одвива долго.
„Мислам дека треба да вложиме време и напор во поддршка на економската интеграција на Западен Балкан, преку постоечките механизми, како ЦЕФТА, и преку нови иницијативи, како ‘мал Шенген’“, рече тој.
Според него, САД остануваат посветени да им помогнат на државите во регионот да се справат со дезинформациите, кои особено се зголемиле за време на пандемијата.
„Работиме со државите да ги зацврстиме нивните капацитети за идентификација на дезинформациите, бидејќи Русија и Кина покажаа дека немаат срам во овој регион, конкретно Русија. Охрабрувачки е што самите влади се свесни за овој проблем, и градат капацитети за справување со нив“, рече тој.
Потенцираше дека САД се заинтересирани за создавање можности за инвестирање на американски компании на Западен Балкан, кои бараат одговорни средини.
„Има погрешна перцепција низ регионот дека Владата на САД му наредува на бизнисот каде да инвестира. Тоа не функционира така. Американскиот бизнис оди таму каде што има можност, а ние само ја поддржуваме средината која тоа го овозможува. Атрактивни средини за американските бизниси се оние што се транспарентни, каде има одговорност и владеење на право“, рече Палмер.
Тој, исто така, кажа дека и за време на КОВИД-19, САД и ЕУ остануваат партнери и сојузници, кои се посветени на конструктивна соработка на Западен Балкан, поддржувајќи демократија, независни медиуми, и добро и одговорно владеење.
„Низ годините, имаме инвестирано милијарди долари на Западен Балкан, и уште милиони кои допрва ќе се инвестираат. Приоритети на САД се независни политички партии и медиуми. Се среќаваме со опозициски лидери, давајќи им можност да бидат видени и слушнати, и ги повикуваме на одговорност кога нема да успеат во тоа“, рече Палмер на брифингот утрово, во организација на Германскиот маршалов фонд.
Facebook Forum