САД и Европската Унија продолжуваат да работат заеднички, со цел да им помогнат на државите од Западен Балкан да станат членки на ЕУ, рече Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, кој учествуваше на денешниот Самит на лидерите на Западен Балкан.
Доказ за партнерството на САД и ЕУ, вели тој, е отворањето чист и јасен европски пат за Скопје и Тирана.
„Северна Македонија и Албанија ги направија потребните реформи да го убедат Европскиот совет да го отвори пристапниот процес на овие две држави. Ова се дел од неодамнешните достигнувања кои ја рефлектираат длабочината на нашето партнерство“, рече Палмер, додавајќи дека САД и ЕУ делат заедничка визија за иднината на регионот, а тоа е државите од Западен Балкан да бидат интегрирани во европските институции.