Одлуката на Европскиот совет да не и` даде на Северна Македонија датум за почеток на преговори, претставува ризик за натамошна имплементација на Договорот од Преспа, рече заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања Метју Палмер, на вчерашното сослушување во Сенатот за иднината на Западен Балкан.
„Договорот од Преспа реши долг спор меѓу двете држави, и го трасираше патот на Северна Македонија да стане 30. членка на НАТО, и крајно да влезе во Европската Унија“, изјави Палмер, додавајќи дека одлуката на Европскиот совет го поткопува кредибилитетот на ЕУ во регионот, води до демотивација за спроведување на реформите и вакуум во лидерството.
Тој истакна дека ратификацијата на пристапниот Протокол за влез во НАТО, е клучен чекор да се покаже постојаната поддршка за евроатлантските аспирации на Северна Македонија и на поширокиот регион.
Палмер нагласи дека изминативе 30 години, САД заедно со европските сојузници и партнери, работеле да ја исполнат заедничката визија за силна и слободна Европа
„Во последната деценија почнаа да се гледаат резултатите и напредокот, што го доближува регионот поблиску до евроатлантското семејство“, изјави Палмер.
Тој потенцираше дека „Северна Македонија е пример за тој прогрес, а од кога дојде на власт во јуни 2017 година, Владата на Зоран Заев не само што го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, туку и го склучи Договорот од Преспа за решавање на спорот со името, што претставува дипломатско остварување во регинот. Ова е пример што треба да го следат и другите лидери во Западен Балкан“.
И сенаторката Џин Шахин изрази загриженост за одбивање на датумот за пристапни преговори од Франција и Европската Унија.
„Една од работите што е многу важна за иднината на Западниот Балкан е тоа што ние му даваме на Балканот опција да гледа кон Западот, а не назад кон Русија и Истокот. Кога и да потфлиме во таа можност, како што мислам дека ЕУ направи неодамна, се испраќа многу силна порака до Западен Блакан дека не треба да продолжат со реформите, да гледаат кон Западот и да ги прифатат западните вредности“, рече Шахин.
Facebook Forum