Линкови за пристапност

ЕУ да си ги исполни обврските и веднаш да почне преговори за членство со Северна Македонија, рече Палмер


Нема универзален рецепт за градење доверба, таа се заслужува, и треба да се исполнат обврските да почнат разговорите, изјави специјалниот претставник на САД за Балканот

Специјалниот претставник на САД за Балканот Метју Палмер, на панел дискусија во Охрид, рече дека Договорот за пријателство помеѓу Северна Македонија и Бугарија е доказ дека можеме да одиме напред, и оти диплматијата дава резултати.

„Меѓутоа за да даде резултати дипломатијата, мора да има услови за успех. Нема еден одговор, но, во овој конкретен случај би го сугерирал следново. Прво, поддршка од ЕУ и САД. Веруваме во европската иднина на регионот и јас ја поддржувам Европа цела. Потребно е од членките јасно да се искаже поддршката, и да се поткрепи поддршката со активности. Одлуката да се започнат преговори со Северна Македонија и Албанија пред година ипол беше поттикнувачка, но, сега ниту една од овие две земји не можат да продолжат понатаму. Затоа од суштинска важност е ЕУ да си ги исполни обврските.Тоа значи веднаш да почне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, и да овозможи визна либерализација за Косово. Уште од почетокот на администрацијата на Бајден ги потврдиме заложбите на САД кон Западниот Балкан, и ја потврдивме важноста што ја придаваме на соработката со нашите сојузници и партнери. Вториот услов е градење на доверба.Тука нема универзален рецепт. Довербата се заслужува.Треба да се исполнат обврските да се почнат разговорите. Ова особено важи кога станува збор за социјалните медиуми. Трет услов, е долгорочниот успех, да се оцени цената на краткорочните компромиси во однос на вкупната цел која сака да се постигне“, рече Палмер од Охрид.

Во однос на изјавата на државната секретарка за европски прашања на Португалија Ана Паула Закаријаш, дека „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, министерот за надворшени работи Бујар Османи, рече дека остварил контакт со министерот за надворешни работи на ПортугалијаСилва, со цел да ги слушне неговите ставови.

Според Османи, португалското претседателство со ЕУ, успеало да докаже дека решение постои, дека е тука, само се потребни повеќе напори и разбирање за да се дојде до решение.

„Сакав прво да имам телефонски разговор со мојот колега Силва, за да ги слушнам неговите ставови. Министерот изрази жалење за начинот на кој што е тоа формулирано, и ја реафирмираше позицијата на Португалија и нејзиниот став во однос на јазикот и сите други прашања, кои се дел од спорот со Бугарија, остануваат тие што ги има во пишаниот документ, како предлог што го доставија на маса во Скопје и Софија, и оти нема никаква дилема во тој дел“, рече Османи.

Министерот рече дека предлогот како да се реши прашањето за македонскиот јазик е да има две унифицирани изјави од Бугарија и Северна Македонија.

„А тоа е формулацијата за јазикот, кој што останува во преговарачката рамка, сегашниот предлог на Комисијата, додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот, а ние би имале наша еднострана унилатерална изјава. ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни ставови во однос на тој процес. И сметаме дека тоа е креативното решение кое може да ги задоволи и да ги адресира сенизитивностите на двете страни по однос на ова прашање. Овој предлог сега продолжува да биде предлог на новото словенечко претседателство, и е единствениот предлог кој е функционален на маса. Предлогот на претседателството е тоа да се даде унилатерална изјава со која од нас се очекува да се потврди фактот дека јазикот е унифициран во 1945 година“, додаде Османи.

Османи уверуваше дека за прашањето за јазикот и идентитетските атрибути никогаш не разговарале на билатерално ниво со Бугарија, а во Софија биле разменувани само идеи за содржините на патоказот.

Министерот рече дека предлогот на претседателвото на ЕУ го оцениле како добра сонова за решение, и оти се` уште го сметаат за жив и валиден, кој сега се пренесува на новото претседателстово.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG