Линкови за пристапност

Палмер: Очекуваме Европскиот совет во март да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија


Очекуваме Европскиот совет во март да покаже отворен пат за Северна Македонија, порача Палмер
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:39 0:00

Направен е прогрес со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, така што има причини за оптимизам, изјави за Гласот на Америка специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан

Очекуваме Европскиот совет да ја искористи можноста на состанокот во март, и да покаже дека патот кон Европа останува отворен за Северна Македонија, изјави Метју Палмер, специјален претставник на Стејт департментот за Западен Балкан, во интервју за Гласот на Америка.

„Ние се надеваме дека резултатот во март ќе биде различен. Направен е прогрес во работите кои Франција конкретно ги идентификуваше, менувајќи ги правилата и условите во пороцесот на проширување, што отвора можност Париз и Хаг да ги поддржат Северна Македонија и Албанија. Направен е прогрес со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство во Северна Македонија, како и во однос на владеење на правото во Тирана. Така што има причини за оптимизам. Ние им дадовме до знаење на нашите европски партнери за нашите очекувања и надежи дека Европскиот совет ќе ја искористи можноста на состaнокот во март, да покаже дека патот кон Европа останува отворен, како и да се согласи да отвори пристапни преговори со двете држави“, изјави Палмер.

Тој додаде дека сигналите кои доаѓаат од Париз се позитивни, и оти се надева дека Франција ќе ја препознае стратешката предност што САД ја гледаат за отворање на пристапните преговори.

Палмер нагласи дека е важно пред изборите во април граѓаните да размислат што претставува најдобра иднина за Северна Македонија, и која од опциите што ги имаат најверојатно ќе го отвори патот кон Европа, кон стабилна, мирна и просперитетна иднина за нив, нивните семејства и соседи.

„САД секако не завземаат позиција во демократски избори. Сакаме да видиме избори кои се транспарентни, избори кои ќе се спроведат на фер и отворен начин. Би сакале да видиме изборна кампања која е цивилизирана и позитивна, и се надеваме дека луѓето би гласале со оптимистички поглед кон иднината“, рече Палмер.

Тој додаде дека непочитувањето на Договорот од Преспа само ќе ја стави Северна Македонија во неповолна состојба.

„Не може да има пат кој води напред со поништување на Договорот од Преспа. Неуспехот да се продолжи напред со неисполнување на Договорот, ќе ја стави Северна Македонија во неповолна состојба. Сигурно дека постојат и сигнали дека ова ќе создаде проблеми за Северна Македонија на нејзиниот европски пат, како и сигнали дека ќе се создаде отпор за Северна Македонија и во контекст на НАТО. Се надеваме дека до времето на одржување на изборите, Северна Македонија и формално ќе биде интегрирана како 30. членка на НАТО Алијансата“, рече Палмер, додавајќи дека членството во НАТО ќе доведе до потенцијален брз економски бенефит, како и можност лидерите на Северна Македонија да учествуваат како полноправни и еднакви членови на Алијансата, во дебатите за европската безбедност.

„Северна Македонија ќе има силен глас и можност да ги унапреди интересите на држвата во НАТО и во ЕУ контекст“, изјави Палмер за Гласот на Америка.

Целото интервју може да го најдете на следниов линк: https://mk.voanews.com/a/5301220.html

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG